Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ормускиот теснец е расчистен од мини и предупреди дека секој што ќе постави нови ќе биде уништен. Трамп истакна дека САД го следат теснецот преку своите Вселенски сили и дека политиката за нулта толеранција во однос на минирањето е активна. Нападите врз бродови во регионот продолжуваат додека транзитот на нафта значително се намалува.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите мини во меѓународните води во Ормускиот теснец се детонирани или отстранети и дека на Иран му е кажано дека секој брод или чамец што ќе постави нови мини ќе биде уништен.
Трамп рече дека САД го следат „секој квадратен сантиметар“ од теснецот, клучен морски пат во глобалниот синџир на снабдување со енергија, преку своите Вселенски сили.
„Политиката на нулта толеранција за поставување мини е во полн ек“, рече Трамп.
САД и Иран немаат извршено воздушни напади врз меѓусебните војски со недели, но нападите врз бродови во Ормускиот теснец продолжуваат додека двете страни се борат за контрола на тесниот морски премин.
Транзитот на нафта низ теснецот изнесуваше 5 милиони барели во понеделник, покажаа привремените податоци од фирмата за следење на бродови Вортекс, што е намалување од повеќе од 20 милиони дневно пред војната.








