[ВИДЕО] Жерновски: Алиби на Мицкоски за избори спремаат руски и српски служби

Макфакс

25/08/2026

13:01

166

Големина на фонт

а а а

Андреј Жерновски тврди дека Мицкоски користи алиби за избори кои ги подготвуваат руски и српски служби, а целта е да се зајакнат етничките тензии и да се спречи напредокот кон ЕУ. Опозицијата според него ги користи националните и регионалните проблеми како изговор за предвремени избори.

Алиби на Мицкоски за избори спремаат руски и српски служби – Ново сценарио за етнички тензии, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и Секретар за меѓународна соработка во СДСМ.

„Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува. Уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет“, вели Жерновски.

Тој додаде дека секоја недела има нови и нови задолжувања, меѓутоа, додава тој, тоа сценарио веќе не може да оди до недоглед и затоа се потребни вонредни избори.

„Сето тоа се работи, сценариото е работење на лична материјална корист, но истовремено исполнување на руската и српската анти-ЕУ агенда, бидејќи единствено ним им одговара Македонија да остане надвор од Европската унија како некоја тампон-зона. Ова, се разбира, му одговара и на Мицкоски лично затоа што со отворање на преговорите кај нас треба да почне да функционира европското законодавство или, што е уште поголем проблем за него, европско обвинителство. Ако дојде европското обвинителство, тогаш се работи за испитување за криминалите. Се разбира, не сака да има истрага за аферите, за криминалите итн. Внимавајте кој паралелно најавува избори? Нормално Вучиќ. Мицкоски мора да распише избори во исто време затоа што не може да си дозволи да му се повтори сценариото со Орбан. Очекуваше од таму да дојде позитивен бран. „Видовме што му направија Унгарците на Орбан. Сега се плаши дека ако почека прво да има избори во Србија, а Вучиќ да заврши како Орбан, тогаш се знае дека следниот на дневен ред да заврши така е токму Мицкоски“, рече Жерновски.

Затоа, додаде тој, покрај 40% Орбанови медиуми во Македонија, тоа не беше доволно, па сега сведочиме за тешка српска медиумска артилерија којашто токму тој ја овозможува преку АЛО групата и лиценцата на Еуроњуз.

„Сега сакам да дојдеме до основата, суштината на оваа прес-конференција, всушност до основата, суштината на сценариото коешто ќе го гледаме од Мицкоски, неговата партија. Бугарите требаше да служат како главно оружје врз основа на што тој ќе добие политички поени и коешто ќе служи како алиби за изборите. И тие, Бугарите требаше да служат како алиби до крајот на мандатот. Меѓутоа, тоа сценарио пропадна прво поради лагите коишто самите ги кажаа и второ затоа што тој проект се искомпромитира. Зошто? Затоа што јавноста дозна за безброј бугарски пасоши во редовите на неговите пратеници и неговите министри. И не само што имаа бугарски пасоши, туку, внимавајте, излезе дека имаат еден куп бугарски фирми. Откако пропадна тоа сценарио, сега јавноста, сакаме на ова да предупредиме, ќе биде сведок на ново сценарио. Сега нема да бидат главен аргумент противник наш, односно алиби за избори, Бугарите, туку ќе бидат, внимавајте, Албанците. Тоа сценарио не е само потребно на или за националистичката кампања на ВМРО, туку му е потребно и на Вучиќ. Вучиќ започнува со истите обвинувања, со истото сценарио, со истиот терк. Ова алиби, мораме и тоа да го кажеме отворено, не е како сценарио смислено во главата на Мицкоски. Тоа е алиби којшто му го даваат руско-српските служби. Сценариото, се разбира, на сето она што се случува денеска, за жал, на политичката сцена од страна на владата е на Вучиќ, а Мицкоски има само главна улога“, рече Жерновски.