[ФОТО] Тинејџери во Тетово пакувале дрога во импрозивирана работилница – полициска акција во Тетово и Гостивар, приведени повеќе лица

Точка

22/08/2026

14:03

1.166

Големина на фонт

а а а

Повеќе лица се лишени од слобода во одделни полициски акции спроведени во Тетово и Гостивар, при што полицијата пронашла оружје, муниција, дрога, дигитални ваги и парични средства во различни валути и апоени.

Во првиот случај, на 21 август, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.Б. (41) од тетовското село Лешок. При претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен врз основа на судска наредба, биле пронајдени и одземени карабин калибар 7 милиметри со оптички нишан, пиштол „ЦЗ“ калибар 9 милиметри со празни рамки, воздушна пушка калибар 5,4 милиметри со оптички нишан, како и куршуми од различен калибар.

Истиот ден, околу 20:21 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар ги лишиле од слобода А.М. (39), Д.М. (26), Б.С. (37), Р.Р. (66), Б.А. (37) и Р.В. (72), сите од Гостивар, како и Н.Л. (65) од Скопје.

Полицијата постапувала по претходна пријава за нарушување на јавниот ред и мир со истрели од огнено оружје во гостиварското село Куново. На местото биле пронајдени чаури, а при претресите во неколку викенд-куќи во селото биле пронајдени и одземени повеќе парчиња огнено оружје, меѓу кои ловечки карабини, ловечки пушки и пиштол, како и поголема количина муниција.

Третата акција била спроведена во периодот од 22:30 часот на 21 август до 1:30 часот на 22 август во Тетово. Полициски службеници од СВР Тетово, во координација со САЕ „Тигар“ и Единицата за службени кучиња, а врз основа на судска наредба, извршиле претрес во куќа и барака-работилница што ги користел П.М. (36).

Во работилницата биле затекнати три лица – Л.С. (19) и двајца 16-годишни малолетници. Кај Л.С. и кај еден од малолетниците биле пронајдени бела прашкаста материја, марихуана и две дигитални ваги. Дополнително, во објектот биле пронајдени кутии со бела прашкаста материја, како и парични средства во различни валути и апоени, по што лицата биле лишени од слобода.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите, во координација со јавен обвинител, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Случајот со пронајдената дрога во Тетово доаѓа во период кога полицијата неодамна информираше дека во текот на минатата година шест пати била откриена дрога во основните и средните училишта во градот. Од полицијата тогаш најавија поголема ажурност во откривањето на кривичните дела поврзани со малолетници, додека од Општина Тетово беше најавена едукација на децата.