Големиот пожар што избувна во близина на Струмица, особено во месноста Софилар, е ставен под контрола. Пожарникарите од Струмица и околните градови, заедно со механизацијата и помошните екипи работат на гаснење на тешко пристапни места и спречување на проширување на огнот до дворовите на куќите.
Големиот пожар што избувна денеска околу пладне и се прошири кон Струмица, односно до месноста Софилар, е ставен под контрола, информира командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.
Според него, пожарот е под контрола на потегот од селата Водоча и Баница до месноста Софилар. Активен останува само на едно тешко пристапно место во селото Водоча.
Во гаснењето, покрај струмичките пожарникари, учествувале и пожарникари од околните градови, а бил вклучен и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Според последната изјава на градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, нема поголеми материјални штети, иако огнените јазици во еден момент навлегле во дворовите на куќите и викендичките во месноста Софилар.
Во гаснењето на пожарот била вклучена и механизација на ЈПКД „Комуналец“, како и на други компании, кои работеле на ископување противпожарни пречки.








