Кризата со водоснабдувањето во Гостивар уште еднаш покажа како еден здравствен и инфраструктурен предизвик може да предизвика и дополнителни еколошки последици. Во период кога илјадници граѓани се принудени за своите секојдневни потреби да користат флаширана вода, покрај предизвикот со обезбедувањето безбедна вода за пиење, се отвора и прашањето каде ќе завршат илјадниците пластични шишиња што секојдневно се користат?
Како град со повеќе од 50.000 жители, Гостивар во вакви околности секој ден генерира десетици илјади пластични шишиња, а бројот лесно може да биде споредлив со бројот на жители на градот. Доколку оваа пластична амбалажа заврши во обичните контејнери или на депониите, кризата со водоснабдувањето може да биде проследена и со дополнителна еколошка криза преку загадување на животната средина.
Токму затоа, Пакомак, во соработка со Монтенегро маркетите, постави 7 нови пунктови за селекција на пластични шишиња и лименки пред нивните маркети во Гостивар, овозможувајќи им на граѓаните правилно да ја одложат амбалажата од флаширана вода, која во овој период секојдневно се користи за пиење, миење и подготовка на храната, како и за други основни потреби во домаќинствата.

„Веруваме дека како национален оператор за управување со пакување и отпад од пакување, покрај нашите секојдневни обврски и активности, имаме и морална обврска да реагираме во ситуации кои се во нашиот домен на работа и директно влијаат врз животната средина. Не можеме да ја решиме кризата со водоснабдувањето, но можеме да помогнеме таа да не прерасне и во еколошка криза. Затоа ги повикуваме сите граѓани пластичните шишиња да не ги фрлаат во обичните контејнери, туку да ги селектираат и да ги одложуваат во наменските жолти контејнери и во Повратните вендинг машини“, велат од Пакомак.
Иницијативата е дел од континуираните напори на Пакомак за проширување на мрежата за селекција на амбалажен отпад и обезбедување лесно достапни решенија за граѓаните, особено во моменти кога околностите бараат дополнителна одговорност и солидарност. Во време на криза, секое правилно селектирано пластично шише претставува мал, но важен чекор кон зачувување на животната средина. Покрај новите локации во Монтенегро маркетите, граѓаните на Гостивар веќе имаат можност да селектираат пластични шишиња и лименки и преку жолтите контејнери и повратните вендинг машини на Пакомак поставени и во Елкос маркетите.











