„Mercedes-Benz G-Class“ веќе со децении практично нема директен германски конкурент, но тоа би можело да се промени во следните неколку години.
Откако се појавија информации дека „Audi“ размислува за развој на робустен теренец како ривал на „G-Class“, наводно слични планови има и „BMW“.
Иако засега нема официјална потврда од Минхен, во последните месеци сè почесто се споменува дека „BMW“ разгледува развој на луксузен теренец кој би можел директно да ѝ конкурира на „G-Class“, но и на „Land Rover Defender“ и идниот модел на „Audi“.
Како би можел да изгледа таков автомобил, се обиде да прикаже познатиот дигитален дизајнер Келсоник, чии рендери често се објавуваат во специјализираните медиуми.
На рендерите се гледа модерен, но и понатаму многу робустен „BMW“, со исправен став, проширени крила, големи теренски гуми и резервно тркало поставено на задната врата. Предниот дел го красат помали препознатливи „бубрези“ на „BMW“ и тенки LED светла, додека целиот автомобил изгледа поелегантно од „Mercedes-Benz G-Class“, но доволно сериозно за возење надвор од асфалтот. Според дизајнот, тој е поблизок до новиот „Lexus GX“ отколку до класичен, целосно коцкест теренец.
Според авторот на рендерите, големите предни отвори би можеле да служат за ладење на „BMW“ twin-turbo V8 мотор, кој одлично би се вклопил во ваков автомобил. Секако, ниту електричниот погон не е исклучен како една од можните опции.
Според досегашните информации, евентуалниот теренец на „BMW“ би можел да пристигне околу 2029 година, доколку проектот добие конечно одобрување. Во меѓувреме, наводно и „Audi“ работи на сопствена интерпретација на луксузен теренец, што значи дека „G-Class“ по многу години конечно би можела да добие два сериозни германски конкуренти.











