Со проекција на документарни филмови, во шест населени места заврши 17. Патувачко кино на МакеДокс

Макфакс

22/07/2026

19:00

164

Големина на фонт

а а а

Патувачкото кино на „МакеДокс“ успешно го заокружи своето 17-то издание со проекции на документарни филмови низ шест населени места во Македонија, продолжувајќи ја традицијата да ги поврзува луѓето преку кино и дијалог.

Веќе седумнаесет години Патувачкото кино на „МакеДокс“ ги поврзува луѓето преку документарните приказни и ги собира на плоштадите, во училишните дворови и на останатите јавни простори кои се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја кино-вечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделување на приказни кои инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог.

Патувачкото кино не се само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.

– Со успешно реализирани проекции во Неготино, Пепелиште, Демир Капија, Долни Дисан, Негорци и Гевгелија, го заокруживме 17-тото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“. Посетеноста и прекрасната атмосфера на сите локации уште еднаш го потврдија интересот за гледање документарен филм на големо платно. Им благодариме на сите локални партнери, домаќини и на публиката што беше дел од ова патување. Сега го насочуваме вниманието кон 17-тото издание на фестивалот „МакеДокс“, кое ќе се одржи од 20 до 27 август во Скопје – истакнуваат од екипата „МакеДокс“.

Од 10 до 17 јули, караванот на Патувачкото кино помина низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го однесе документарниот филм на големо платно со проекции под отворено небо во места каде што ретко има можност да стигне.

Годинашното патување почна на 10 јули во Неготино, каде проекцијата се одржа кај Спомен-костурницата. Веќе следниот ден, 11 јули, Патувачкото кино гостуваше во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, караванот продолжи во Демир Капија, на градското Шеталиште, а на 14 јули беше во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери се одржаа на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.

Седумнаесеттото Патувачко кино на „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.