Советничката група на Левица во Град Скопје бара итна финансиска поддршка за граѓаните кои претрпеа штети од невремето и иницира формирање фонд за обештетување, истовремено предлагајќи и мерки за превенција и подобра координација на надлежните служби.
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје ќе иницира свикување вонредна седница со единствена точка на дневен ред – формирање фонд за обештетување на граѓаните за штетите предизвикани од невремето на територијата на Град Скопје, соопштија од партијата.
Невремето што го погоди Скопје предизвика значителни материјални штети врз домови, возила и друг имот на граѓаните. Во вакви околности, велат од партијата, Градот има обврска да обезбеди итна финансиска поддршка за граѓаните кои претрпеа штети, наместо товарот целосно да падне врз нив.
Левица оценува дека последиците од невремето дополнително ја оголија неспособноста и негрижата на надлежните институции. „Со години се игнорираат барањата за кастрење и отстранување на опасни дрвја, изостануваат превентивни мерки, а градските претпријатија повторно се покажаа неподготвени да одговорат на кризна состојба“.
Покрај иницијативата за формирање фонд за обештетување, советничката група на Левица ќе побара на Комисијата за безбедност при Град Скопје да се отвори расправа за мерките што ќе бидат преземени за превенција и справување со вакви елементарни непогоди во иднина. Советничката група, според најавеното, ќе предложи и конкретни мерки до градските власти за воспоставување поефикасен систем на превенција, рано предупредување и координација на надлежните служби.
Оттаму со повик, сите советници во Советот на Град Скопје да ја поддржат оваа иницијатива, имајќи предвид дека станува збор за мерка од непосреден интерес за граѓаните кои претрпеа штети од невремето.
Левица очекува Советот на Град Скопје да покаже одговорност и без одлагање да донесе одлука за формирање фонд преку кој ќе им се помогне на погодените граѓани, но и да отпочне процес на воспоставување системски мерки со кои ќе се намали ризикот од вакви последици во иднина.











