Андоновски: Со поддршка од Фондот за развојно партнерство Индија–ОН ќе го унапредуваме Централниот регистар на население

Макфакс

22/07/2026

09:30

156

Големина на фонт

а а а

Министерот Стефан Андоновски ја претстави визијата за унапредување на Централниот регистар на население со помош на поддршка од Фондот за развојно партнерство Индија–Обединети нации, нагласувајќи ги придобивките од продлабочувањето на дигиталната соработка и примената на нови технологии како вештачка интелигенција.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на Бизнис-форумот меѓу Македонија и Индија, каде што го претстави предлог-проектот за унапредување на Централниот регистар на население, за чија реализација е предложена поддршка од Фондот за развојно партнерство Индија–Обединети нации (India-UN Development Partnership Fund).

Во присуство на претседателката на Република Индија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Андоновски истакна дека проектот претставува конкретен и перспективен прв чекор кон продлабочување на дигиталната и економската соработка меѓу двете земји.

„Целта е практична и насочена кон граѓаните – доверливите и точни податоци да ги претвориме во подобри одлуки и поквалитетни јавни услуги. Централниот регистар на население веќе претставува основа за сигурни дигитални услуги и проверка на идентитетот, а со неговото унапредување ќе создадеме уште поефикасен и поповрзан систем“, нагласи Андоновски.

Предлог-проектот предвидува поврзување на клучните матични евиденции, подобрување на квалитетот на податоците со примена на вештачка интелигенција и развој на аналитички алатки за креирање политики засновани на податоци и докази. Примената на новите технологии ќе се спроведува со институционална проверка и задолжителен човечки надзор.

Со реализацијата на проектот се очекуваат побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите, помалку административни постапки и подобро насочување на јавните инвестиции.

„Компаниите не треба да бидат курири меѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и бизнисите. Токму затоа, унапредувањето на Централниот регистар на население е значајно за изградбата на ефикасни, сигурни и целосно дигитални јавни услуги“, порача министерот.

Андоновски посочи дека Индија, со своето искуство во развојот на дигиталната јавна инфраструктура и системите како Aadhaar, DigiLocker, UPI и India Stack, претставува исклучителен партнер за Македонија. Истовремено, Македонија може да биде посветен европски партнер и регионален пример за приспособување на индиската експертиза кон потребите на помала земја, во согласност со европските стандарди.

Министерот ги повика индиските компании, инвеститори, универзитети и истражувачки центри да воспостават партнерства со Македонија во областите на дигиталните јавни услуги, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, финансиските технологии, облачните решенија и дигиталните вештини.

„Да изградиме дигитален и економски мост по кој слободно ќе се движат знаењето, инвестициите, технологијата и идеите. Растојанието меѓу Македонија и Индија да не го мериме во километри, туку преку силата на нашата соработка и резултатите што заеднички ги постигнуваме“, заклучи Андоновски.