Невремето што го зафати Скопје и околината предизвика значителни штети на патнички возила, покриви и други објекти. Во справувањето со последиците се вклучени полициски службеници и припадници на Армијата кои работат на расчистување и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22:00 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица, соопшти МВР.
Дополнително, биле оштетени повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, според МВР.
Последици по региони
„На подрачјето на СВР Куманово пријавени се 9 оштетени возила и 3 оштетени кровови.
На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се 5 настани, од кои 3 оштетувања на патнички моторни возила и 2 оштетувања на кровови, додека на подрачјето на Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица.
На подрачјето на СВР Велес пријавени се две оштетувања на патнички моторни возила предизвикани од паднати дрвја.
На подрачјето на СВР Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.
На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици. Само на подрачјето на ПС Македонски Брод е забележан краткотраен силен ветер, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.
На подрачјето на СВР Штип регистрирани се 14 оштетувања на патнички возила и 6 оштетувања на кровни конструкции.
Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина.
Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти (шатори и помошни објекти), како и паднати дрвја без предизвикана материјална штета.
Акции и помош
Министерството за внатрешни работи извести дека полициските службеници постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, во координација со останатите надлежни институции. Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на последиците и непречено одвивање на сообраќајот и другите јавни функции“.
По силното невреме што го зафати Скопје, и припадниците на Армијата излегоа на терен и се вклучија во расчистувањето на последиците, давајќи значаен придонес во справувањето со настанатата состојба, беше објавено од АРМ на социјалните мрежи.
„Брзата реакција, професионалноста и несебична посветеност уште еднаш ја потврдија подготвеноста на Армијата да биде со граѓаните во моменти кога е најпотребна помош“.















