Генералниот секретар на Интерпол пристигна во Охрид

Макфакс

08/07/2026

18:22

223

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, денеска ја започна официјалната посета на Северна Македонија од Охрид, каде што се договараат мерки за унапредување на меѓународната полициска соработка и безбедноста во државата.

Генералниот секретар на Интерпол пристигна во Охрид

Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, денеска пристигна во Охрид од каде ја започна официјалната посета на Република Северна Македонија. На аеродромот „Св. Апостол Павле“ генералниот секретар Уркиза беше пречекан од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, каде двајцата одржаа и билатерална средба.

„На средбата се разговараше за активности насочени кон јакнење на оперативната соработка, размената на информации и унапредување на заедничките механизми за справување со современите безбедносни предизвици, како и за продлабочувањето на партнерството со Интерпол и за унапредувањето на меѓународната полициска соработка, како еден од клучните предуслови за ефикасна борба против прекуграничниот и организираниот криминал и за поголема безбедност на граѓаните“, соопштија од МВР.

Во рамки на официјалната посета на Охрид, генералниот секретар на Интерпол придружуван од директорот на Бирото за јавна безбедност, ги посети дел од најзначајните културно-историски знаменитости на градот. За време на посетата беше запознаен со богатото културно наследство и историските вредности на Охрид, кој како природно и културно богатство е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

Уркиза, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Јанев ги посетија и мешаните македонско-српски полициски патроли, кои се ангажирани во Охрид во текот на летната туристичка сезона. При посетата, генералниот секретар беше запознаен со начинот на функционирање на мешаните патроли и нивната улога во обезбедувањето поголема сигурност за граѓаните и туристите. Беше истакнато дека ваквиот модел на меѓународна полициска соработка придонесува за унапредување на довербата меѓу полициските служби, поефикасна комуникација со странските посетители и повисоко ниво на безбедност во туристичките центри.

Од МВР наведуваат дека Охрид, како дел од светското културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО, беше симболичен почеток на оваа посета – затоа што безбедноста не значи само справување со заканите, туку и грижа за заштитата на вредностите, наследството и богатството што ги носиме низ генерациите.

Посетата на Генералниот секретар на Интерпол продолжува утре во Скопје, со официјалниот дел од програмата, во рамки на кој се предвидени активности во Министерството за внатрешни работи, посета на Полициската академија, средби со највисокото државно раководство и разговори за натамошно унапредување на меѓународната полициска соработка.