[ВИДЕО] Иванов: Започнува изградбата на автопатот Скопје-Блаце и со интензивно темпо се работи на Охрид-Кичево

Макфакс

07/07/2026

11:00

146

Големина на фонт

а а а

Во Македонија започнува изградбата на важниот автопат Скопје-Блаце, а со големо темпо се одвива и изградбата на автопатот Охрид-Кичево. Овие проекти имаат за цел да го подобрат поврзувањето на Македонија со соседните земји и да ја зајакнат инфраструктурата и економскиот развој на земјата.

Во Македонија се случува градежен бум невиден до сега, започнува изградбата на автопатот Скопје-Блаце и со интензивно темпо се работи на Охрид-Кичево, изјави Душко Иванов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија инфраструктурно се развива со засилено темпо. Се градат патишта и автопатишта во сите делови на државата. Вакво вложување во патната инфраструктура, вакви градежни активности на неколку делници истовремено, во повеќе делови од државата, до сега немало. Покрај актуелните што се градат со несмалено темпо, веќе од следниот месец, во август почнува изградбата и на автопатот Скопје-Блаце, проект којшто со децении беше најавуван, а единствено само се купуваа парцели вдолж предвидената траса. Автопатот во должина од 10,5 километри на исклучително тежок терен на падините на Скопска Црна Гора е со вкупна вредност од 235 милиони евра, од кои 30,8 милиони се грант од ЕБОР, а рокот за изградба е четири години. Скопје-Блаце ќе ги поврзе Македонија со Косово и ќе продолжи понатаму кон Тирана и Драч, како и кон Бар. Со тоа, кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и уште една можност за трговија, бизнис и развој на туризмот“, рече Иванов.

Од друга страна, додаде тој, интензивно се работи на автопатот Охрид-Кичево и се решаваат наследените проблеми. За таа цел, рече Иванов, се потпиша Анекс на договорот со кој се засилува динамиката на изградба и се смени Правилникот за технички услови со што се смени рецептурата на асфалтот за да може да се продолжи со завршно асфалтирање.

„Го ефектуиравме Анексот и средствата за доизградба на проектот ги ставивме на располагање, се постигна и договор со изведувачот за откажување од арбитражната постапка со што на државата и се заштедуваат 50 милиони евра, се изнајде решение и за косините со т.н. галерии. Паралелно со решавање на овие наследени проблеми се засили изградбата на автопатот, така што во употреба за возење се пуштија 37 километри од самата делница, а до првиот квартал во 2027 година се очекува, автопатот Кичево-Охрид целосно да биде завршен“, рече Иванов и додаде дека изградбата на овие автопатски артерии е важен чекор во реализација на стратешката визија, Македонија да стане клучна сообраќајна раскрсница на Балканот.