Црногорците планираат неработен петок еднаш месечно: Еве како би функционирал продолжениот викенд

Точка

24/06/2026

19:54

377

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на Демократска Црна Гора во собраниска процедура предаде Предлог за дополнување на Законот за работни односи, со кој се воведува право на продолжен викенд еднаш месечно, со цел дополнително унапредување на правата на вработените и подобрување на квалитетот на работниот живот во Црна Гора.

Пратеникот на Демократите, Душко Стјеповиќ, изјави дека ова законско решение ќе значи дека вработените во Црна Гора ќе имаат право на слободен петок пред последниот викенд во месецот, што заедно со тој викенд официјално ќе претставува продолжен викенд еднаш месечно, пишува „Vijesti“.

„Во Законот за работни односи, по членот 76 се додава нов член 76-а, кој гласи: ’Продолжен викенд еднаш месечно‘. Во неделата што му претходи на последниот викенд во месецот, вработениот има право на неработен петок, односно на одмор во траење од 24 часа што се користи во петок, а на кој се надоврзува одморот од членот 76 од овој закон и се користи непрекинато“, изјави Стјеповиќ на прес-конференција.


Како што соопшти Стјеповиќ, ова решение претставува модерен и одговорен исчекор во областа на работничките права, насочен кон зачувување на физичкото и менталното здравје на вработените, зајакнување на рамнотежата меѓу деловниот и приватниот живот, како и создавање услови за поголема мотивираност и продуктивност на работното место.

„Современите истражувања потврдуваат дека подолгите периоди на одмор придонесуваат за намалување на стресот и професионалното прегорување, го зголемуваат задоволството на вработените и позитивно влијаат врз ефикасноста на работата. Затоа сметаме дека државата е должна да продолжи со унапредување на стандардите на работничките права и да ги следи современите трендови во организацијата на работата“, порача Стјеповиќ.

Пратеничката група на Демократите истакнува дека предложената мерка може да има и значајни општествени и економски придобивки преку зајакнување на семејните врски, поголемо учество на граѓаните во културни, спортски и општествени активности, како и дополнителен поттик за домашниот туризам и локалната економија.

Тие наведоа дека предложеното решение е правно уредено на јасен и предвидлив начин, што им овозможува на работодавачите навремено да ги планираат работните процеси и да ги организираат деловните активности.


„Продуктивноста на трудот не се мери исклучиво според бројот на часови поминати на работа, туку според квалитетот на работата, фокусираноста на вработените и ефикасноста на организацијата на работата. Токму затоа веруваме дека продолжениот викенд ќе придонесе за поголема продуктивност и подобра организација на работните процеси“, наведе Стјеповиќ.

Тој изјави дека ова законско решение го доставиле во процедура, но дека, како и секогаш досега кога станувало збор за други решенија што произлегле од нивните законодавни иницијативи, се подготвени заедно со коалициските партнери од власта да го унапредат и да направат модерен исчекор во областа на работничките права.

„Исто така, очекуваме овој предлог да го разгледаат и за него да се изјаснат социјалните партнери, Владата, синдикатите и работодавачите, не само затоа што тоа е обврска секогаш кога се менува Законот за работни односи, туку и затоа што е нормално, бидејќи се однесува на нив и тие ќе го применуваат“, заклучи Стјеповиќ.