Екс директорот на Клиниката за онкологија – Нино Васев, по една година помината во притвор, ќе се брани од слобода.
Ова следува откако судот прифати гаранција обезбедена преку хипотека на недвижен имот.
„На обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република Северна Македонија, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот.

Воедно, на обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост:
забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје;
обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.

Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор“ стои во соопштението на Кривичен суд.
Васев е меѓу обвинетите во предметот „Онкологијa“ што се однесува на финансиското работење на Клиниката за онкологија.

Заедно со екс економскиот директор Артан Нухи, се соочува со обвиненија за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата. Делата биле извршувани во периодот од 2018 до 2022 година.
Покрај злоупотреба на службената положба, Васев и Нухи се обвинети и за измама во службата и проневера.











