Капело за најавениот нов тренер на Милан: Двоен скок во непознато, ова е големо коцкање!

Дерби

16/06/2026

14:55

320

Големина на фонт

а а а

Италијанските медиуми вчера на големо најавија дека Рубен Аморим ќе биде новиот тренер за новиот проект на Милан, а бидејќи тоа е сосема дијаметрален избор од тоа што се зборуваше до пред само две недели, италијанската јавност е поделена во поглед на Португалецот.

Младиот стручњак се етаблираше како еден од најнадежните тренери во Европа со својот допадлив стил на игра кој го негуваше во Спортинг Лисабон, но фудбалската катастрофа која следеше во Манчестер Јунајтед направи да се надвиснат голем број прашалници над неговото име.

Аморим сега е на портите од Италија и се очекува набрзо да биде претставен од Милан, но пред да видиме такво нешто, со свој коментар за целиот избор на клубот се јави Фабио Капело.

– Милан и Аморим? Тоа е двоен скок во непознато, најпрво за него, а потоа и за „росонерите“. Не сум сигурен дека е направена добра анализа, мислам дека е оставено малку на случајноста….

– Росонерите ангажираат тренер кој не ја познава лигата, а тој мора да се искупи за лошата епизода во Мначестер Јунајтед. Мислам дека клубот се коцка со овој потег, но ќе добиеме вистински одговор за неколку месец. Од моја гледна точка, јас би го советувал да биде храбар, да се наметне како модерен тренер и да ги спроведе идеите кои ги има замислено. Ќе ни бидат потребни неколку натпревари за да ја видиме вистинска филозофија, која сигурно ќе биде целосно дијаметрално различна од онаа на Алегри, – вели Капело.