Почна реконструкцијата на мостот „Естакада“ во Автокоманда

Макфакс

15/06/2026

14:20

743

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави целосна реконструкција на мостот „Естакада“ во Автокоманда, важна сообраќајна точка во Скопје, со цел подобрување на инфраструктурата и сообраќајната врска за жителите на Гази Баба и околината.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека целосно ќе биде реконструиран мостот „Естакада“ – важна сообраќајна врска за Гази Баба и за цело Скопје.

„Денес, заедно со мојот колега Бобан Стефковски, го означивме почетокот на санацијата на мостот „Естакада“ во Гази Баба, проект кој со години беше барање на илјадници жители и една од најважните сообраќајни точки во овој дел од градот“, вели градоначалникот.

Тој додава дека овој мост има особено значење, затоа што се наоѓа на еден од најфреквентните излези од Скопје и претставува важна врска за граѓаните кои секојдневно се движат кон и од општините што гравитираат во овој дел.

Санацијата опфаќа пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 метри квадратни, од кои 3.800 ќе бидат целосно обработени со гребење и вградување два нови слоја асфалт, додека на делот од мостот ќе се постави нов асфалтен слој. Дополнително, ќе се изврши замена на рабници, изработка на асфалтни тротоари, чистење, санација и бојадисување на заштитната пешачка ограда, како и замена на постоечките капаци за шахти.

Вкупната должина на делот што се санира изнесува 1,5 километри коловоз.