Иран најави наплата за поморски услуги во Ормускиот Теснец, САД очекуваат слободен премин

Макфакс

15/06/2026

16:40

194

Големина на фонт

а а а

Несогласувањата околу режимот на пловидба низ Ормускиот Теснец пред мировниот договор меѓу САД и Иран доведоа до најави за наплата на поморски услуги од страна на Иран, додека Америка инсистира на слободен премин без такси.

Само неколку дена пред најавеното потпишување на мировен договор меѓу САД и Иран во Швајцарија, се појавија несогласувања околу идниот режим на пловидба низ Ормускиот Теснец.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека стратешкиот поморски премин ќе биде отворен без какви било давачки, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека планира да наплатува надоместоци за одредени поморски услуги.

Портпаролот на министерството, Есмаил Багаеи, изјави дека Иран, во соработка со Оман, ќе наплатува трошоци за услуги поврзани со безбедноста и навигацијата на бродовите.

„Секогаш сме велеле дека не сакаме да наплатуваме транзитни такси. Меѓутоа, за услугите што ќе ги обезбедуваме – вклучително навигациски услуги, заштита на животната средина, можно осигурување на бродовите и други услуги што ги нудат Иран и Оман – ќе се наплатуваат соодветни надоместоци“, изјави Багаеи.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во интервју за „Си-ен-би-си“ призна дека прашањето сè уште не е конечно решено и дека режимот на долгорочна пловидба без надоместоци ќе биде предмет на претстојните технички преговори.

„Нашето очекување е теснецот долгорочно да биде отворен без какви било такси, но тоа е прашање што треба да се дефинира во техничките преговори“, изјави Венс.

Дополнителна неизвесност внесоа и извештаи на медиуми блиски до иранските власти, според кои Техеран би можел да дозволи бесплатен транзит на бродови во период од 60 дена, по што би биле воведени задолжителни надоместоци.

Во меѓувреме, Венс порача дека враќањето на Иран на светските пазари е директно поврзано со исполнувањето на обврските од идниот договор и со трајно откажување од нуклеарни амбиции.

Додека иранската делегација започнува дипломатска турнеја низ земјите од регионот пред пристигнувањето во Женева, конечната одлука за механизмот на потпишување на меморандумот се очекува да биде донесена најдоцна до утре.