70-годишен турист од Македонија, кој бил на одмор во Неи Пори за малку ќе се удавел додека се капел во морето, објави грчкиот медиум „protothema.gr“.
Седумдесетгодишникот изгубил свест додека бил во водата, а за среќа брзо бил забележан од спасувачот на плажа, кој веднаш притрчал и го извлекол од морето. Не било потребно да му изврши кардиопулмонална реанимација (КПР), бидејќи човекот се освестил со помош на кислородот што му го обезбедиле спасувачите.

Грчкиот портал објави фотографија на која се гледа дел од спасувачката акција и грижата што му била укажана на македонскиот државјанин непосредно по инцидентот.

По укажаната прва помош на плажата и дополнителните лекарски прегледи, туристот бил задржан во болница на понатамошно набљудување. По два дена хоспитализација, неговата здравствена состојба била целосно стабилизирана, по што лекарите го пуштиле на домашно лекување.
Грчкиот портал пренесува дека 70-годишниот Македонец „поминал покрај кулата на спасувачот кој му го спасил животот и срдечно му се заблагодарил“.







