Петмина Срби осомничени за воени злосторства од 1999 година притворени во Косово

Макфакс

15/06/2026

11:30

335

Големина на фонт

а а а

Судот во Приштина денес одреди притвор на петмина Срби осомничени за воени злосторства од 1999 година во Косово. Овие апсења предизвикаа реакција од српската влада, додека случајот Рачак останува контроверзен и важен на политичката сцена.

Судот во Приштина денес им одреди притвор до 30 дена на петмина Срби уапсени од косовското обвинителство за вмешаност во воени злосторства за време на конфликтот во 1990-тите, потврдија нивните адвокати за медиумите.

Обвинителот на Специјалното обвинителство на Косово, Илир Морина, вчера објави дека полицијата, во соработка со обвинителството, уапсила петмина пензионирани припадници на српското Министерство за внатрешни работи под сомнение дека извршиле воени злосторства во селото Рачак на 15 јануари 1999 година.

Уапсените беа сослушани од судијата за претходна постапка на Основниот суд во Приштина, кој го прифати предлогот на обвинителството и им одреди притвор од еден месец.

Адвокатите на уапсените вчера, на седница на судскиот совет, изјавија дека ова е уште еден обид за припишување на колективна вина и дека обвинителот не навел конкретни обвиненија или индивидуални докази за нивната наводна вмешаност во злосторствата, но тие оценија дека, и покрај приговорите на одбраната, судот сепак ќе одреди притвор.

Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада реагираше со соопштение, оценувајќи дека апсењата демонстрираат „систематско политичко и институционално насилство од страна на Приштина, предводено од премиерот Албин Курти“. Во соопштението се нагласува дека уапсените живееле во Косово со години и не ги напуштиле своите домови, бидејќи немале од што да се кријат или да бегаат.

„Случајот Рачак“ датира од 15 јануари 1999 година, кога 45 Албанци беа убиени во судирите меѓу полициските сили на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ) и припадниците на герилците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во истоименото косовско село.

Хашкиот трибунал го напушти „случајот Рачак“ поради недостаток на валидни докази. Тој настан се смета за пресвртница во косовските конфликти бидејќи послужи како непосредна причина и меѓународно оправдување за повеќемесечното бомбардирање на НАТО врз тогашна СР Југославија, кое започна на 24 март истата година.

Воздушните напади, во кои учествуваа 19 членки на НАТО, завршија со потпишување на меѓународниот договор во Куманово на почетокот на јуни 1999 година, по што полициските и воените сили на СРЈ се повлекоа од Косово. Повлекувањето беше придружено со егзодус на повеќе од 200.000 косовски Срби и неалбанци, од кои десетици илјади никогаш не се вратија на Косово.

„Случајот Рачак“, кој сè уште е проследен со контроверзии, спротивставени наративи и длабоки политички тензии, повторно беше вратен на политичката и судската сцена со апсењето и гонењето на петмина осомничени.

 

фото/ЕПА