Александар Димитриевски од СДСМ го критикува Мицкоски и Владата поради кризата со откупот на млеко која доведува до тешка состојба во сточарскиот сектор. СДСМ бара итна интервенција и поддршка за земјоделците, додека ВМРО-ДПМНЕ одговара дека ситуацијата се подобрува и дека се зголемени субвенциите.
„Додека Мицкоски го штити Трипуновски, сточарите се во тешка криза“ – ова денеска на прес-конференција го изјави Александар Димитриевски од Комисијата за земјоделство на СДСМ.
Според опозициската партија, македонското сточарство буквално се распаѓа поради намалениот откуп и понижувачките ниски откупни цени кои изнесуваат едвај дваесетина денари за литар млеко.
Димитриевски вели дека наспроти ниските откупни цени за производителите, цените на млекото и млечните производи во маркетите растат.
„Некој прави огромни профити врз грбот на земјоделците. Кризата дополнително се продлабочува. Две млекарници во делчевскиот регион најавија прекин на откупот, што значи дека многу сточари остануваат без пласман и без егзистенција“, истакна Димитриевски.
Од СДСМ велат дека дополнителен удар врз секторот било доцнењето на субвенциите за добиток и премиите за млеко.
„Затоа прашуваме: каде се парите за земјоделците? Дали во Буџетот веќе ги нема? СДСМ бара итна интервенција за обезбедување непречен откуп на млекото и посебна мерка за поддршка на производителите на кравјо млеко преку интервентната програма. Ова што се случува е недозволиво! Мицкоски го уништи земјоделството. Субвенциите се намалени за 40 милиони евра, откупот е намален за 46 проценти, а земјоделците се оставени без заштита и без перспектива“, кажа Димитриевски.
Според него, хаосот е насекаде – кај сточарите, градинарите, оризопроизводителите, овоштарите и пчеларите.
„Сите се соочуваат со исти проблеми: ниски откупни цени, неисплатени субвенции и несигурен пласман. Го прашуваме Мицкоски зошто нема мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката? Зошто доцнат субвенциите? Затоа што, како што рековме нема пари во буџетот за земјоделците заради криминални тендери. Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори“, рече тој.
На прес-конференцијата реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Времето на СДС, сточарите го паметат и по 17 месеци неисплатени субвенции за предадено млеко.
Напредокот во делот на сточарството го потврдуваат и статистичките податоци на Државниот завод за статистика.
За прв пат по 10 години во 2025-та година бележиме зголемување на произведените количини на кравјото млеко за 2,7% во споредба со 2024-та година.
Зголемување имаме и во производство на овчото млеко за 4% повеќе во однос на 2024-та година.
Наспроти деструкцијата и хаосот што владееле во минатото, денеска имаме и зголемување на субвенциите во делот на сточарството.
Финансиската поддршка за предадено млеко се зголеми и тоа:
-кравјо од 5 на 6 денари.
-овчо и козјо од 6 на 7 денари.
Се зголеми и финансиската поддршка од 4.000 на 6.000 денари за товни раси на говеда и зголемување од 3.000 на 4.500 денари за сите останатати раси или мешавини од различни раси.
За обележани грла овци постари од 12 месеци, има зголемување на поддршката од 2.000 на 3.000 денари, исто така и за обележани грла кози постари од 12 месеци, се зголеми поддршката од 2.000 на 3.000 денари.
По неколку години застој, се креираше нова мерка за зголемување на бројот на основното стадо во која висината на поддршката е за 30% повисока од основните мерки за пријавен број на обележани говеда, овци и кози.
Со ова фармерите ќе се поттикнат за зголемување на бројот на основните стада.
СДС го уништи сточарството во Македонија со нивните штетни политики.
Политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се насочени кон создавање на модерно и конкурентно земјоделство“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.















