[ВИДЕО] Езе и Габриел изведоа катастрофални пенали, ПСЖ стана само вториот тим кој ја одбранил титулата во ЛШ!

Дерби

30/05/2026

21:24

874

Големина на фонт

а а а

ПСЖ е вториот тим по Реал Мадрид кој го одбрани приматот на европски шампион во модерната ера на Лига на шампиони, откако тимот на Луис Енрике вечерва испадна подобар од Арсенал по макотрпна битка и подобро изведување на пенали.

Големото финале во Будимпешта не понуди којзнае колку атрактивен фудбал и многу шанси на двете страни, па откако се влезе во дополнителни 30 минути игра, стана јасно дека ПСЖ и Арсенал немаат ништо против победникот да го одлучат пеналите.

Арсенал и ПСЖ си поделија по едно полувреме и со головите на Хаверц и Дембеле се отиде во дополнителни 30 минути игра, а откако немаше гол во продолженијата, пресудија пеналите.

Иако Луис Енрике ги извади најголемите ѕвезди, се покажа дека францускиот тим има подобри пеналџии, односно посмирени играчи во најважните моменти.

Сафонов немаше ниту една интервенција во пенал рулетот, но катастрофалните изведени пенали на Езе и Габриел му помогнаа на ПСЖ да ја одбрани титулата европски шампион.

По промашувањето на Езе, Раја одлично одговори и му одбрани пенал на Мендеш, но петтата серија беше затворена со ужасен пенал на Габриел, по што стана јасно дека Луис Енрике и неговите фудбалери се радуваат на втора европска титула во низа.