Медиумите во ЕУ за средбата Трамп - Џјинпинг: Борбата за светска превласт продолжува

Макфакс

15/05/2026

17:30

150

Големина на фонт

а а а

Медиумите во ЕУ оценуваат дека средбата меѓу претседателите Трамп и Џјинпинг донесе важни договори за светската геополитика, но не ја намалува борбата за светска превласт меѓу САД и Кина. Анализирани се економските и технолошките аспекти од судирот меѓу двете сили, како и потенцијалните воени конфликти и регионални интереси.

Медиумите во ЕУ денес оценуваат дека за светските односи и Европа на средбата меѓу претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, и Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп се постигнати исклучително важни договори, особено за смирување на војната во Иран и нафтената криза, но сметаат дека тоа не ја намалува битката на двете суперсили за светска превласт.

Францускиот весник „Монд“ оценува дека ќе следи „клучен судир меѓу Кина и САД во освојувањето на квантната информатика и вештачката интелигенција“, но забележува дека некое време мора да има рамнотежа, бидејќи Американците „произведуваат најсовремени чипови, додека Кинезите контролираат ретки метали“.

Словенечкиот весник „Дело“ песимистички гледа на изгледите на Европа да се вклучи во спогодбите меѓу двете светски суперсили.

Се наведува дека „ниту Трамп ниту Шји не ги сметаат европските интереси за важни. Американците можат да станат претпочитани купувачи за набавка на кинески ретки метали преку договори, додека Европејците ќе останат зад себе“.

„Дело“ исто така укажува дека, доколку Трамп не прифати дека американскиот пазар е отворен за кинески електрични автомобили, европскиот пазар ќе биде преплавен со стотици милиони кинески електрични автомобили, брилијантно изработени, со висок квалитет и по недостижно ниски цени.

Интересите на Кина и САД се совпаѓаат во светската геополитика бидејќи, сите аналитичари во ЕУ се убедени дека Трамп сака што поскоро да го заврши проблематичниот вооружен конфликт со Иран, а за Шји отворањето на Ормускиот теснец е многу важно за протокот на нафта и враќањето на економската стабилност, и затоа Пекинг потврди дека ќе му помогне на Вашингтон да го реши овој конфликт.

Ставот е ист по прашањето дека Иран не треба да произведува нуклеарно оружје, но, како што конкретно истакнува италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, за Пекинг „црвената линија“ е прашањето за Тајван, а Кинезите се подготвени да влезат во воен судир што ќе биде фатален за двете страни ако Вашингтон се обиде да го спречи „непосредното историско обединување“ на Кина и Тајван.

Џјинпинг, забележува миланскиот весник, без двоумење му стави до знаење на Трамп дека САД би можеле да паднат во „Тукидидовата стапица“.

Кинескиот претседател, забележуваат сите аналитичари во ЕУ, јасно стави до знаење дека склучил „важни договори со Трамп, бидејќи нашиот однос е најважен во светот“.

Полскиот весник „Жечпосполита“ истакнува дека „Кинезите се убедени дека времето е во нивна корист, не само економски и технолошки, туку и геостратешки, а најдобар доказ е дека Американците не знаат како да се извлечат од катастрофален конфликт со Иран“.

„Сега ситуацијата е таква што Кина е многу зависна од увозот на нафта, но спротивно на Вашингтон. Кинезите ги фрлија сите свои карти на обновливи извори на енергија со цел да станат светски лидери во таа област“, ​​наведува весникот.