Се раѓа нова сила на Блискиот Исток, вклучена е во низа војни, а Иран поради неа направи голема грешка

Точка

13/05/2026

21:15

1.951

Големина на фонт

а а а

Обединетите Арапски Емирати тврдат дека минатиот петок спречиле нов ирански напад со ракети и беспилотни летала, иако теоретски бил договорен прекин на огнот меѓу Иран и САД.

Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати ги предупреди жителите да не им приоѓаат, да не ги фотографираат и да не ги допираат „остатоците и деловите што паднале по успешното соборување на проектилите“.

И оваа недела амбасадорот на ОАЕ во ОН, Мохамед Абушахаб, го обвини Иран за напад врз нафтениот терминал во Фуџеира, тврдејќи дека бил гаѓан со 12 балистички проектили, три крстосувачки ракети и четири беспилотни летала. Официјален Техеран ги негира овие обвинувања, пишува Дојче Веле.


Иако нападите очигледно се спорни, овие обвинувања ја покажуваат растечката загриженост во Абу Даби: дека токму Обединетите Арапски Емирати сè почесто стануваат цел на ирански напади. Од почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран, во ОАЕ се регистрирани повеќе од 2.800 напади со дронови и проектили.

Цената на блискоста со Израел и САД

Соединетите Држави во 2020 година посредуваа во воспоставувањето дипломатски односи меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел, познати како Аврамови договори.

„Односот на Емиратите со Израел е една од клучните причини поради кои, како еден вид казна, Иран продолжува да ги напаѓа ОАЕ“, смета Мајкл Стивенс, виш советник за безбедност на Блискиот Исток во лондонскиот институт „Royal United Services Institute“ (RUSI). „Од иранска перспектива, логиката е едноставна: Израел нè напаѓа нас, па ние ги напаѓаме неговите сојузници“, додал тој.


Како одговор на иранските напади, Обединетите Арапски Емирати сè поблиску соработуваат со Израел во воената, безбедносната и разузнавачката област. Како што јавува американскиот портал Аксиос, Израел за првпат испратил во ОАЕ и делови од својот систем за противвоздушна одбрана „Железна купола“ заедно со оперативен персонал.

„Колку што Емиратите и Израел се поблиски, толку повеќе Иран гледа причини за напади врз ОАЕ“, рекол Стивенс. Тука е и стариот спор околу островите Абу Муса и Тунб, кои ги контролира Иран, но на кои право полагаат и Емиратите.

Погрешна проценка на Техеран

По иранската блокада на Ормускиот Теснец, со што целосно беше прекинат извозот на нафта од Бахреин, Кувајт и Катар, а значително беше отежнат и извозот од Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, токму Абу Даби решително побара не само повторно отворање на теснецот, туку и посилно меѓународно дејствување.

Зборовите што се слушнаа од функционерите на Емиратите против Техеран беа значително поостри отколку од повеќето други погодени заливски држави, како Саудиска Арабија, Оман или Катар.

„Тоа дополнително ги приближи до САД и Израел“, истакнал Стивенс.

Синција Бјанко, аналитичарка во Европскиот совет за надворешни односи, смета дека Иран се обидува да им нанесе доволно штета на Емиратите за да ги натера политички да извршат притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп и да побараат прекин на војната.

„Но, иранските напади предизвикаа спротивен ефект, што беше сериозна стратешка грешка“, рекла Бјанко.

Според нејзините зборови, нападите за Емиратите добиле речиси егзистенцијален карактер.

„Функционерите на Емиратите ми велат дека Иран се обидува да го поткопа основниот модел на нивната држава, заснован на претпоставката дека Заливот може да остане безбеден и многу просперитетен и покрај регионалната нестабилност“, објаснила таа.

Најпрво ги застапуваат своите интереси

Во последните години Обединетите Арапски Емирати сè посилно ја спроведуваат својата надворешна политика во согласност со економската цел за диверзификација, односно намалување на зависноста од нафтата. Емиратите сакаат да станат регионален центар за дигитална инфраструктура, туризам, бизнис и инвестиции, обединети во стратегијата наречена „UAE 2031“.

Истовремено, нивната политика сè повеќе се разликува од политиката што ја води значително поголемиот сосед, Саудиска Арабија. Додека ОАЕ и Бахреин ги нормализираа односите со Израел, Саудиска Арабија ги прекина преговорите по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и војната во Газа што следуваше.

Обединетите Арапски Емирати на 1 мај исто така ја напуштија Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и поширокиот сојуз ОПЕК+, кој и понатаму го предводи Саудиска Арабија како најголем светски извозник на нафта.

Двете земји поддржуваат спротивставени страни и во низа конфликти ширум Африка. „Обединетите Арапски Емирати станаа еден од најагресивните надворешни актери во африканските конфликти“, истакнал Волфрам Лахер, виш соработник за Африка и Блискиот Исток во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Пари и оружје за избраните

Според неговите зборови, Емиратите во последните години биле вклучени во судирите во Либија и Етиопија, а во моментов пред сè во Судан, Сомалија и Јемен.

„Тоа е клучно за Емиратите бидејќи тие коридори обезбедуваат долгорочен пристап до стратешки ресурси и важни трговски рути“, се наведува во неодамнешна анализа чиј коавтор е и Лахер. „Воените интервенции во тој контекст може да се гледаат како средство за заштита на тие економски интереси“.

Сепак, војници на Емиратите речиси и да нема на теренот. „Основната карактеристика на ангажманот на Емиратите е тоа што ретко испраќаат сопствени единици, туку влијанието го остваруваат преку локални партнери. Тоа често се недржавни вооружени актери, како Халифа Хафтар во Либија или командантот на суданските Сили за брза поддршка, Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти“, истакнал Лахер.

Емиратите финансираат и снабдуваат со оружје странски борци и платеници, вклучувајќи судански борци во Либија, а во поново време и колумбиски платеници во Судан. Функционерите на Емиратите доследно ги отфрлаат обвинувањата за такви активности. „Но, за тоа постојат бројни докази“, заклучил Лахер.