Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во однос на критиките за недоволно реализираното од Реформската агенда, како одговор на пратеничко прашање даде поширок контекст во насока на појаснување дека на крајот на јуни завршува „грејс периодот“, за оние индикатори кои требаше да бидат завршени заклучно јуни 2025 година.
„Од 12, 10 треба до јуни да ги завршиме. Првиот индикатор е во делот на енергетиката, државата повеќе да не учествува со целосната количина на електрична енергија на тендерот којшто снабдувачот еднаш годишно, согласно новата одлука на Регулаторната комисија, го објавува за да може да ги снабдува граѓаните со струја. Практично, да престанеме да ја субвенционираме струјата за граѓаните. Вредноста на овој индикатор е 8,5 милиони евра, од кои третина е грант, а другото е кредит со отплата од 2032 година. Јавно и јасно кажувам дека овој индикатор немаме намера да го завршиме. Ако го направиме тоа и не учествуваме со целосната количина на струја на јавната набавка на снабдувачот, тогаш цената на електрична енергија за домаќинствата, оние кои ја добиваат од снабдувачот, ќе биде повеќе од 35% поголема. И тоа ќе повлече и други работи, ценовен шок. И јавно кажуваме дека тоа немаме намера да го направиме“, нагласи претседателот на Владата.
Мицкоски продолжи со индикаторите поврзани во делот на енергетиката, напоменувајќи за тоа што се работи.
„Во Министерството работат на завршување на подзаконските акти заедно со експерти коишто ги ангажиравме по препораки на Европската комисија, а со цел законот за енергетика да стане и функционален. И работиме во овие два месеци за да го надополниме она што претходно не го направил, и со овие подзаконски акти ќе го докомплетираме и ќе го затвориме целосно“.
Во однос на третиот сегмент, економскиот, Мицкоски објасни дека се работи на измена на закон донесен пред десетина години.
„Министерството за финансии, согласно препораките на ЕК постапи, и покрај тоа што ни беше кажано дека тоа е доволно, излезе дека треба да имаме одредени промени на закон, и ќе го направиме тоа многу бргу бидејќи повеќе е семантичка отколку суштинска. Четвртиот индикатор е поврзан со Министерството за економија и труд, и се работи, работиме со надворешни експерти и очекувам до крај на овој грејс период и тој индикатор да биде завршен, а практично тоа е да се формира еден регистар на правни лица каде што државата е целосен или делумен учесник во сопственичката структура. И тоа би бил четвртиот индикатор којшто очекувам да биде завршен“.
Во рамки на реформите во насока на исполнување на реформската агенда, а во делот коишто зафаќаат реформи во делот на правосудството, премиерот зборуваше за законите за судскиот совет и независноста на судиите и јавните обвинители.
„Петтиот индикатор и покрај тоа што мина законот за судски совет има одредени лесни забелешки коишто мислам дека се прифатливи и тие многу скоро ќе се најдат пред пратениците за усвојување. Не е ништо суштинско, но е во рамките на барањата на ЕК.
Во рамки на реформите на правосудството доаѓаме до моментот на независноста на судиите и обвинителите во делот на вработување и унапредување. Тоа се два индикатори, односно, плановите за вработување и унапредување да не зависат од одобрување од Владата, туку Советот на ЈО и Судскиот совет да им дадат одобрување. Ќе потсетам дека Министерството за финансии годинава мислам дека даде согласност за вработување за неколку стотини луѓе во службите во рамки на судовите во Македонија. И тука се платите, Уставниот суд донесе одлука да се вратат коефициентите од 2025 година, ние не можеме да ги вратиме од 2024 година, бидејќи одлуката на Уставниот е конечна, и со тоа се исполнува условот согласно новите коефициенти, судиите да имаат повисоки плати, а со синдикатите на државната администрација, но и со синдикалните единици на службениците во рамките на јавните обвинителства и судовите се потпиша договор за зголемување на платите, и со тоа практично ние и тој дел од индикаторот го надминеме и завршиме“.
Сумирајќи ги досегашната работа во делот на реформите, Мицкоски посочи и дека се сработени индикатори и од претходните години и оние коишто се очекуваат во иднина, а за сето тоа, како што рече, многу скоро ќе има информација од Брисел со којашто позитивно ќе бидат оценети, и Македонија од последна во регионот повторно ќе биде лидер во реформите.
„Јас очекувам најмалку седум или осум од овие десет индикатори во овој рок, овој грејс период, а притоа да бидат уште неколку такви индикатори завршени за другите извештајни периоди коишто се зад нас, но и оние што се пред нас затоа што имаме и некои коишто предвреме се исполнуваат. Повторно ќе дојде сега информација од Брисел. Информацијата што ќе дојде е дека од последни во регионот, сега сме рамо до рамо со фронтранерот, и од 21-22 индикатори, 16-17 се веќе успешно завршени за извештајниот период којшто заврши кон крајот на 2025 година. Ако бевме последни, сега според нив, сме рамо до рамо со Црна Гора, и очекувам многу скоро како информација да дојде од Брисел“, нагласи претседателот на Владата Христијан Мицкоски, како одговор на пратеничко прашање.















