Овие двајца лидери сакаат да го спасат светот: „Се слушаме и си пишуваме прилично често…“

Точка

15/04/2026

20:52

921

Големина на фонт

а а а

Во услови на сè поголеми глобални тензии, кои во голем дел ги оркестрира американскиот претседател Доналд Трамп, двајца лидери сè повеќе соработуваат по клучни прашања.

Канадскиот премиер Марк Карни и финскиот претседател Александер Стуб се најдоа на власт во опасен момент за светот. Русија, соседот на Финска, веќе со години ја напаѓа Украина и со хибридни напади ги таргетира земјите ширум Европа. Од другата страна на светот, САД неретко споменуваат дека сакаат Канада да ја видат како 51-ва американска сојузна држава. Двајцата се цитираат еден со друг во говорите и делат многу ставови, а покрај тоа редовно приватно се слушаат по телефон и преку пораки. Дополнително, кога минатиот месец се нашле во Лондон, се договориле заедно да одат на трчање.


„Се слушаме и си пишуваме прилично често. Се обидуваме да размислиме за тоа што се случува во светот, па тоа е таков вид пријателство. Потоа можеме и повремено да трчаме, што е убаво“, изјавил Стуб за Политико. „Имам исклучителна почит кон Марк, мислам дека е еден од интелектуално најострите светски лидери во моментов. Мислам дека имаме прилично слична заднина, со тоа што тој е економист, а јас сум вљубеник во меѓународните односи. И двајцата имаме докторати во своите области и двајцата сакаме хокеј на мраз. Канада и Финска отсекогаш размислувале слично, па среќен сум што воспоставив добар однос со Марк“, додал тој.


Карни, запрашан за нивното пријателство, истакнал: „Нема да се впуштам во какви било триатлони со претседателот Стуб, тоа од моја страна би било прилично непријатно. Тој е извонреден човек со многу таленти“.

Заедно, додал тој, двете земји се соочуваат со „нередот во меѓународниот систем“ за да изградат подобар систем за луѓето ширум светот.


Кога станува збор за Трамп, тие сепак имаат различни искуства. Карни вети дека ќе му се спротивстави на Трамп и ќе се бори за канадскиот суверенитет. Од друга страна, Стуб ја добил етикетата „шепкачот на Трамп“ откако го запознал американскиот претседател на неговиот голф-терен во Флорида. Стуб ужива големо влијание во Вашингтон, иако вели дека поретко се слуша со Трамп откако избувнала војната на Блискиот Исток.


За време на средбата во Лондон, Стуб му предложил на Карни да размисли за пристапувањето на Канада во Европската унија. Карни рекол дека полноправното членство не е веројатно, но дека би сакал да развие подлабоки трговски и безбедносни врски со блокот. Среде царинската војна со САД, Канада работи на диверзификација. Карни, имено, веќе постигнал голем трговски договор со Кина и низа нови сеопфатни договори со Индија.