[ВИДЕО] Симболот на пан-африканскиот отпор, Ибрахим Траоре порача: „Луѓето мора да заборават на демократијата, таа убива“

Точка

03/04/2026

20:15

717

Големина на фонт

а а а

Воениот лидер на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, изјави дека „луѓето мора да заборават на демократијата“, како и дека „демократијата убива“.

Траоре, кој ја презеде власта со пуч (државен удар) во септември 2022 година, претходно вети организирање избори во 2024 година, но сега наведе дека тие нема да се одржат додека земјата, која повеќе од една деценија е погодена од исламистички бунтови поврзани со Ал Каеда и Исламска држава, не стане доволно безбедна за сите граѓани да можат да гласаат, пренесе Ројтерс.


За време на тркалезната маса со новинари, емитувана на државната телевизија, Траоре рече дека администрацијата во моментов е фокусирана на други предизвици. „Луѓето треба да заборават на прашањето за демократијата. Мораме да ја кажеме вистината – демократијата не е за нас“, рече тој.

Тој ја наведе Либија како пример, каде како што рече, странски сили се обиделе „да наметнат демократија“, додавајќи дека „демократијата убива“.

Владата на Траоре во јануари ги распушти сите политички партии, откако претходно ги суспендираше политичките активности. Пред пучот, во земјата имало повеќе од 100 регистрирани политички партии, од кои 15 биле застапени во парламентот по изборите во 2020 година.


Соседните земји Мали и Нигер, исто така под водство на воени хунти кои дојдоа на власт со пуч ги распуштија политичките партии.

За време на исламистичките бунтови во сите три земји, во последната деценија беа убиени илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Организацијата „Хјуман Рајтс Воч“ (Human Rights Watch) вчера објави извештај во кој се наведува дека воените сили на Буркина Фасо и нивните сојузници убиле и повеќе од двапати цивили отколку исламистичките милитанти од 2023 година.

Владата не одговори на барањата на Ројтерс за коментар во врска со извештајот.