„BMW“ слави 50 години од премиерата на, за многумина, најубавиот модел на брендот

Точка

02/04/2026

08:35

681

Големина на фонт

а а а

„BMW“ музејот во Минхен ја дочека новата година со специјална изложба посветена на 50-годишнината од моделот „BMW 6 Series“. Музејот минатата година забележа рекордни 847.000 посетители, а новата изложба ќе биде отворена во ротондата сè до крајот на јануари 2027 година.

Од пазарното лансирање во пролетта 1976 година, „BMW 6 Series“ израсна во вистинска дизајнерска класика. Оригиналниот модел може да се пофали и со најдолг сериски производствен век во историјата на „BMW“ – дури 13 години. Препознатливиот „нос“, впечатливиот страничен профил и пространото застаклување се дело на главниот дизајнер Пол Брак, кој создаде динамичен и безвременски изглед што и денес ги освојува колекционерите ширум светот.


Филмска кариера и „лебдечки“ експонат

Сите што ќе се најдат во близина на „BMW“ музејот ќе бидат сведоци на интересен начин на одбележување. Посетителите уште на самиот влез ги пречекува „лебдечки“ модел од култната серија 6, инспириран од серијата фотографии „Flying Cars“ на францускиот фотограф Силвен Вио.

Во рамки на изложбата, посебно место зазема и филмската кариера на овој автомобил. „BMW“ „шестка“ се појавила во серии како „Dallas“, како и во филмови како „Back to the Future II“, а била чест гост и во германски телевизиски продукции. Интересно е да се потсети дека големи симпатии кај публиката предизвика и, додуша малку преработена, во српскиот хит „Јужен ветер“.

На изложбата се претставени и две икони од колекцијата „BMW Art Car“ – „BMW 635CSi“, обликуван од уметниците Ернст Фукс и Роберт Раушенберг, како и моделот „633CSi“ во познатата „кула на автомобили“ во постојаната поставка на музејот.