Пропусти кај 39 полицајци во случајот со Ивана и ќерка ѝ – предметот оди во Обвинителството за организиран криминал

Макфакс

31/03/2026

12:34

1.155

Големина на фонт

а а а

Внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи утврдила сериозни пропусти во постапувањето на вкупно 39 полициски службеници поврзани со пријавите за семејно насилство во случајот со скопјанката Ивана и нејзината малолетна ќерка Катја.

Станува збор за пријави кои биле поднесувани против сопругот Стојанче Јовановски, а кои, според надлежните, не биле соодветно третирани од страна на полицијата.

Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе доставил официјално известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, соопштија од МВР.


Од Обвинителството потврдуваат дека предметот веќе е примен и ќе биде распределен кај јавен обвинител од Специјализираното одделение задолжено за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.

„Известувањето за кое покажувате интерес е доставено до ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден и истото ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, велат од обвинителството.

Обвинителството ќе испитува дали постои основ за кривична одговорност кај службените лица кои постапувале по пријавите.

Трагичниот случај се случи на 2 март, кога Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја го загубија животот по пад од балкон во Скопје.


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека во текот на минатата година и на почетокот на оваа година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи и физички напади меѓу сопружниците.

Според него, полицијата постапувала по сите пријави, но во повеќе наврати тие биле повлекувани од страна на Ивана, со што се прекинувале понатамошните постапки.

Сега, со утврдените пропусти кај полициските службеници, истрагата се проширува и на нивното постапување, при што Обвинителството ќе треба да утврди дали пропустите довеле до кривична одговорност.