Лукаревска до Трипуновски: Ги излажавте оризопроизводителите, субвенциите доцнат, а откупната цена е катастрофална

Макфакс

26/03/2026

16:00

144

Големина на фонт

а а а

Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања, постави прашање до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во однос на намалената откупна цена на оризовата арпа и застојот со откупот.

Лукаревска посочи дека оризопроизводителите се соочуваат со доцнење на исплатата на субвенции, а паралелно и со откупна цена од само 18 до 23 денари за килограм арпа. Во обраќањето, Лукаревска го повика министерот Трипуновски да одговори кога ќе ја реализира исплатата на субвенциите за оризопроизводителите и дали во таа исплата ќе биде вкалкулирано и барањето на оризопроизводителите за дополнителни 12 денари субвенција за килограм откупена оризова арпа.

„Моето пратеничко прашање се однесува на состојбите во оризопроизводството, односно за т.н. „кочанското бело злато“ оризот, кој претставува основна и доминантна земјоделска култура во општините Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево и во делови од општините Карбинци и околните населени места.

Преку ваши активисти, земјоделци, организиравте протести токму во Кочани и кочанско, барајќи повисока откупна цена за арпата, тогаш на ниво од 42 денари за килограм. Тогаш имаше организиран откуп и постоеше цена, но и покрај тоа, се блокираа патишта и се вршеше силен притисок врз тогашната власт“.

Денес, кога сте на чело на ова министерство, вели таа, состојбата е драматична.

Оцени дека се намалени субвенциите во земјоделството за 40 милиони евра, а се укинати и субвенциите на ситните сорти ориз кои се застапени кај нас.

Според неа, оризопроизводителите се соочуваат со откупна цена од само 18 до 23 денари за килограм арпа, а откупот, како што наведе, е во застој или целосно неизвесен.

„Оризопроизводителите алармираат дека не можат да се подготват за новата реколта, затоа што не се исплатени субвенции за 2025 година, а веќе завршува едно тромесечие од 2026 година.

Дополнително, загрижува и состојбата со довербата во институциите во рамки на вашето министерство, за што сме сведоци сите. Не би сакала тука да зборувам и за суспендирањето на европските средства од ИПАРД-програмата. Сето ова остава еден лош впечаток кон една од најважните гранки во државата.

Кога ве повикаа оризопроизводителите, се сретнавте пред два месеци, таму им напоменавте дека се ќе биде во ред, но денес е евидентно незадоволството.

Моето конкретно прашање до вас е кога ќе ја реализирате исплатата на субвенциите за оризопроизводителите и дали во таа исплата ќе биде вкалкулирано и барањето на оризопроизводителите за дополнителни 12 денари субвенција за килограм откупена оризова арпа?

Ова не е политичко, туку егзистенцијално прашање за илјадници семејства, и оризопроизводителите очекуваат точен одговор“.