Каде во Европа можете да живеете „како крал“ со пензијата, а каде едвај се преживува: Позицијата на Македонија на оваа листа говори сè

Точка

25/03/2026

18:13

927

Големина на фонт

а а а

Висината на пензиите, во контекст на покривање на животните трошоци, значително варира низ Европа.

Во северна и западна Европа, пензиите ги покриваат или дури ги надминуваат основните трошоци, додека во Источна Европа и на Балканот тие често се далеку од доволни за нормален живот.


Дали државните пензии се доволни за покривање на трошоците за живот во Европа?

Во 20 од 39 европски земји — не се, според истражувањето на компанијата „Moorepay“, која се занимава со пресметка на плати и управување со човечки ресурси. Притоа, трошоците за живот не вклучуваат кирија за стан, а доколку и таа би се пресметала, бројот на земји во кои пензиите не се доволни веројатно би бил значително поголем.


Сепак, ни вака сликата не е сјајна кога ќе се погледне колкав дел од трошоците за живот ги покриваат државните пензии кон крајот на 2025 година.

Во 39 европски земји — вклучувајќи ги членките на ЕУ, земјите кандидатки, земјите од ЕФТА и Велика Британија — уделот на пензиите во трошоците за живот се движи од 22% во Грузија до 225% во Луксембург.

Податоците се однесуваат на трошоците за живот на едно лице и на една просечна пензија кон крајот на октомври 2025 година.

„Moorepay“ ги собрал податоците за просечните пензии, додека податоците за трошоците за живот доаѓаат од платформата „Numbeo“ и претставуваат национален просек. Реалната состојба може да варира во зависност од градот, пишува „Euronews“.

Земји каде пензијата обезбедува комфорно живеење

На пример, во Луксембург просечната државна пензија изнесува 28.790 евра, додека трошоците за живот се 12.791 евра. Тоа значи суфицит од 15.989 евра, односно пензијата е повеќе од двојно поголема од трошоците за живот.


Пензии поголеми од двојните трошоци за живот има и во Италија (210%) и Финска (208%). Шпанија (199%) и Данска (189%) исто така се блиску до ова нивo.

Во неколку други земји уделот на пензиите во трошоците за живот се движи помеѓу 150% и 180%, што сè уште е релативно високо. Тоа се:


• Исланд (179%), Норвешка (178%), Германија (176%), Белгија (170%), Австрија (165%), Франција (160%), Холандија (159%), Шведска (158%).

Шест земји се во опсег од 100% до 150%. Државните пензии таму се доволни за покривање на трошоците за живот на едно лице (без кирија), но суфицитот е ограничен. Тоа се:

• Швајцарија (131%), Ирска (126%), Велика Британија (120%), Полска (112%), Чешка (108%), Грција (103%).

Во 20 земји пензиите не се доволни

Сепак, во дури 20 земји пензиите не се доволни за нормален живот.

Во некои случаи сепак покриваат повеќе од 80% од трошоците за живот — во:

• Словенија (95%), Словачка (94%), Естонија (91%), Португалија (90%), Црна Гора (89%), Литванија (85%), Хрватска (82%), Унгарија (81%).

Меѓутоа, во многу земји, особено во нашето опкружување, ситуацијата е полоша:

• Србија е во „црвено“ со 68%, што сепак е подобро во однос на Македонија (61%), Босна и Херцеговина (53%) и Албанија (29%).


Албанија (29%), Украина (29%) и Молдавија (42%) се на дното, заедно со Грузија (22%). Во сите овие земји, пензиите не ги покриваат ниту половината од трошоците за живот.

Ноел Вајтсајд, гостин-професор на Универзитетот во Оксфорд, истакнува дека некои земји од ЕУ едноставно се посиромашни од други, и дека семејствата често мораат да им помагаат на своите постари членови. Но, забележливи се и јасни географски разлики.

Регионални разлики: север/запад наспроти исток на Европа

Во северна и западна Европа, вклучувајќи ги и нордиските земји, пензиите често ги покриваат или дури ги надминуваат основните трошоци за живот.

Во централна Европа покриеноста е умерена, додека во источна Европа и на Балканот пензиите најчесто покриваат само дел од трошоците, сумира N1info.hr.

„Euronews“ пресмета и го прикажа индикаторот „просечна потрошувачка на пензија по корисник“ за да се утврди кои земји нудат највисоки пензии во Европа.

Овој индикатор се однесува на бруто старосни пензии, според податоците на „Eurostat“. Сепак, „Moorepay“ користел поинаква методологија и податоци од домашни извори, вклучувајќи и медиуми.


Постарите лица во Европа главно се потпираат на пензиите како главен извор на приходи.

Според OECD, две третини (66%) од приходите на лица над 65 години доаѓаат од јавни трансфери. Приватните и професионалните пензии во некои европски земји исто така имаат значителен удел.

Дејвид Синклер, извршен директор на „International Longevity Centre UK“, нагласува дека структурата на пензискиот систем во секоја земја е клучен фактор што влијае на висината на пензиите.