Министерството за образование и наука покровител на Регионална конференција „Мостови кон иднината“

Макфакс

25/03/2026

18:41

109

Големина на фонт

а а а

Министерството за образование и наука на Македонија е покровител на Регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што ќе се одржи на 26 и 27 март во Скопје.

Настанот е коорганизиран од Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светска банка и претставува дијалог на високо ниво кој обединува министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти.

Конференцијата е конципирана како платформа за поврзување на луѓе, идеи и институции кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот. Учесниците ќе дискутираат за конкурентноста на универзитетите и нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, иновациите и дигиталните вештини, посебно во STEM областите, политиките за мобилност и создавањето услови младите да учат, истражуваат и работат во различни земји, а стекнатото знаење да се враќа назад во регионот, како и за јакнење на соработката насочена кон споделување најдобри практики и искуства.

И покрај историските и институционалните разлики, шесте држави од Западен Балкан делат заеднички предизвици, вредности и стремежи. Низ дијалози и размена на идеи, регионот сака да покаже дека не е само пасивен учесник во европските процеси, туку и рамноправен партнер кој со знаења, таленти и иновации може да ја збогати Европа, соопшти МОН.