Сместен на 2.700 метри надморска височина, темниот тунел Анзоб, долг 5 километри, ги поврзува двата најголеми градови во Таџикистан и, поради опасните услови, го носи озлогласениот прекар „тунел на смртта“.
Замислете тунел во кој е целосен мрак, само светлата на автомобилот донекаде покажуваат што се наоѓа пред вас. Освен светлина, тунелот нема ниту вентилација. Ако некаде на средина мора да излезете од автомобилот, ќе останете без воздух. И тоа не е некаков краток тунел од неколку стотици метри: темнината и загушливоста се протегаат неверојатни 5 километри. Опишаните сцени навистина постојат. Тунелот Анзоб во Таџикистан се смета за најопасен во светот и го носи озлогласениот прекар „тунел на смртта“.
Тунелот на смртта Анзоб ги поврзува двата најголеми града во Таџикистан
Сместен на автопатот М34, на надморска височина од 2.700 метри надморска височина, овој мрачен премин го поврзува главниот град на Таџикистан, Душанбе, со вториот по големина град во земјата, Хуџанд. Тунелот е отворен во 2006 година за да се олесни сообраќајот помеѓу северот и југот на земјата, но поради лошите услови за возење, набрзо ја стекна застрашувачката репутација.

Еден од најголемите проблеми на тунелот е недостатокот на вентилација и осветлување. Внатрешноста често е исполнета со густ чад и издувни гасови од возила, што го отежнува дишењето, пишува британски „Експрес“. Порталот „Опасни патишта“ (Dangerous Roads) наведува дека возењето низ тунелот е особено опасно бидејќи воздухот едвај се движи: вентилацијата се обезбедува само со еден вентилатор поставен приближно во средината на тунелот.
„Тунелот е темен и опасен, со мошне малку светлина. Поради недостатокот на вентилација, возачите често имаат чувство на гушење“, наведува „Опасни патишта“.
Возењето дополнително го отежнува фактот дека во тунелот нема сообраќајни знаци и нема нацртани линии, па возачите често возат по средината на патот додека во пресрет им доаѓаат автомобили и камиони.

Патот е полн со дупки, а одредени делови често се поплавуваат
Патот исто така е преполн со големи дупки кои можат сериозно да ги оштетат возилата, а одредени делови од тунелот често се поплавуваат поради градежните дефекти и недостатоци. За време на обилни дождови, малите барички буквално можат да се претворат во базени полни со вода.
Жителите на ова подрачје со години предупредуваат за уште еден сериозен проблем: сообраќајните метежи во тунелот. Кога возилата застануваат, издувните гасови брзо се таложат, а поради лошата вентилација, тие можат да станат опасни. Според локалните сведоштва, во минатото имало случаи каде што луѓе починале поради труење со јаглерод моноксид во текот на долгите застои.

За некои опасноста стана туристиска атракција
Тунелот е делумно реновиран во 2018 година. Тогаш некои дупки биле поправени и додадени системи за одводнување на водата, но експертите тврдат дека се потребни дополнителни подобрувања за возењето да биде побезбедно.
И покрај лошата репутација, некои патници велат дека поминувањето низ тунелот е незаборавно искуство.
„Двапати поминавме низ тунелот и, освен стравот, немавме никакви последици. Сообраќајот е двонасочен, темнината и недостатокот на вентилација се застрашувачки, но преживеавме. Глетките кон планините се спектакуларни, а возењето вредеше за ризикот“, напишал еден корисник на „Трипадвајзор“.
















