Путин му порача на Иран: Москва останува верен пријател и доверлив партнер

Макфакс

21/03/2026

09:38

904

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател, Владимир Путин, им ја честиташе на иранските лидери Новруз, иранската Нова година, и порача дека Москва останува верен пријател и доверлив партнер на Техеран, соопшти Кремљ во саботата. Сепак, опсегот на вистинската поддршка на Москва за Иран е спорен, а некои ирански извори наведуваат дека добиле мала конкретна помош за време на најголемата криза во земјата од револуцијата во 1979 година, пишува Ројтерс.

„Владимир Путин му посака на иранскиот народ достојно да ги преброди тешките искушенија и нагласи дека во овие тешки времиња Москва останува верен пријател и доверлив партнер на Техеран“, стои во соопштението на Кремљ.

Русија смета дека американските и израелските напади врз Иран го турнале целиот Блиски Исток на работ на провалија и предизвикале голема глобална енергетска криза. Путин го осуди убиството на иранскиот врховен лидер како „цинично“.

Порталот Политико претходно извести дека Москва му предложила на Вашингтон одреден вид договор: Кремљ би престанал да им доставува разузнавачки информации на Иран, ако САД престанат да ја снабдуваат Украина со податоци за Русија. САД наводно ја одбиле оваа идеја, а Кремљ го оцени извештајот како лажен.

Русија остана со помалку сојузници откако САД го соборија венецуелскиот лидер Николас Мадуро, иако Москва профитираше од високите цени на нафтата предизвикани од американските и израелските напади врз својот стратешки партнер, Иран.

Прогласеното стратешко партнерство меѓу двете земји не содржи клаузула за меѓусебна одбрана. Русија, исто така, повеќепати изјави дека не сака Иран да развие атомска бомба, стравувајќи дека таков потег би можел да предизвика трка во нуклеарно вооружување низ целиот Блиски Исток.