Калас: Потребно е да се запре ескалацијата на Блискиот Исток и да се помогне на Украина

Макфакс

19/03/2026

12:17

133

Големина на фонт

а а а

Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека е потребно да се запре ескалацијата на Блискиот Исток по иранските напади, нагласувајќи дека ЕУ работи паралелно за да ја поддржи Украина и да обезбеди безбедна пловидба низ Ормускиот Теснец.

Калас, зборувајќи со новинарите пред состанокот на Европскиот совет, рече дека клучни теми како што се енергијата и единствениот пазар се на дневен ред, но дека фокусот е и на настаните на Блискиот Исток и Украина, според соопштението за медиумите од Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС).

Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, таа изјави дека иранските напади врз енергетската инфраструктура на Катар дополнително ја влошиле ситуацијата.

„Јасно е дека ни е потребен излез од оваа војна, а не нејзина ескалација“, рече Калас, додавајќи дека ЕУ иницирала дипломатски контакти со Иран со цел да се најдат решенија.

Калас истакна дека Европската Унија соработува со Обединетите нации за да обезбеди безбеден премин на бродовите низ Ормускиот теснец, предупредувајќи дека моменталната несигурност го загрозува снабдувањето со нафта, гас, ѓубрива и храна, особено во Азија и Африка. Зборувајќи за Украина, Калас рече дека лидерите на ЕУ ќе го разгледаат спроведувањето на заемот за поддршка што беше договорен во декември.

„Време е да се покаже поддршка за Украина“, рече таа, додавајќи дека конфликтите на Блискиот Исток се поврзани со војната во Украина, пренесува Танјуг.

Според неа, Русија има корист од актуелните настани на Блискиот Исток, поради што, како што нагласи, е важно да се стави крај на тој конфликт за да се постигне решение за Украина што не подразбира нејзина целосна капитулација.

Европскиот самит се одржува денес во Брисел, а според поканата на неговиот претседател Антони Кошта, темите ќе бидат ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ситуацијата во Украина, европската конкурентност, безбедноста и миграцијата.

На дневен ред ќе биде зајакнувањето на одбранбената подготвеност на ЕУ, вклучително и развојот на европската одбранбена индустрија, како и напредокот во областа на миграцијата и азилот, што останува еден од политичките приоритети на Унијата.