Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, денеска официјално ја пуштија во употреба целосно реновираната конференциска сала во полициската станица Бит Пазар.
Реконструкцијата на салата е реализирана како заедничка иницијатива помеѓу Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, при што ОБСЕ обезбеди опрема и материјали, а Министерството ги спроведе градежните активности.
Министерот Тошковски истакна дека вложувањето во инфраструктурата на полицијата е директно вложување во нејзината ефикасност и професионалност.
„Со оваа инвестиција создаваме подобри услови за работа, обука и координација на полициските службеници. Кога институциите располагаат со современи и функционални капацитети, тие можат поефикасно да одговорат на потребите на граѓаните. Ова е уште еден пример како преку партнерство и заедничка посветеност се зајакнуваат институционалните капацитети“, истакна министерот Тошковски.
Амбасадорот Вал нагласи дека оваа иницијатива е резултат на успешна и практична соработка меѓу двете институции.
„Оваа реконструкција е јасен пример за тоа што може да се постигне кога институциите работат заедно со заедничка цел. Со подобрување на условите за работа, се создава простор за професионален развој, обуки и унапредување на соработката, што директно придонесува за посилни и поефикасни институции“, потенцираше амбасадорот Вал.
Реновираната конференциска сала ќе се користи за обуки, координациски состаноци и други службени активности, со што ќе придонесе за зајакнување на оперативните капацитети на полициската станица и подобрување на секојдневното функционирање.
Овој проект претставува конкретен пример за успешна соработка и заедничка заложба за континуирано унапредување на условите за работа и професионалните стандарди во Министерството за внатрешни работи, се наведува во соопштението на МВР.












