Започна распределбата на ваучерите за инвертер клими – објавени и компаниите од кои граѓаните ќе можат да набават уреди

Макфакс

18/03/2026

15:57

181

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека од денес, 18 март 2026 година, започна распределбата на ваучерите за набавка и вградување на инвертер клима уреди за граѓаните кои се стекнале со право по Јавниот оглас за 2025 година.

Од 18 март до 17 април 2026 година, лицата кои се наоѓаат на списокот ќе можат да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде што живеат. На веб-страницата на Министерството се објавени сите детали за потребната документација и постапката за подигнување.

Воедно, денес на веб-страницата на Министерството е објавен и списокот на компании со кои се склучени договори, од кои граѓаните ќе можат да ги набават инвертер клима уредите користејќи го ваучерот.

Станува збор за втора фаза од веќе завршената постапка, во која право на поддршка имаа исклучиво домаќинствата кои најдоцна до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле условите утврдени во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.

Списокот на граѓани кои се стекнале со право, како и списокот на компании, се достапни на веб-страницата на Министерството: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/rezultati-i-spisoci.

Ваучерот овозможува набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, а може да се искористи најдоцна до 15 октомври 2026 година. Вредноста на ваучерот изнесува до 28.000 денари, без дополнителна доплата од страна на корисниците.

Министерството нагласува дека оваа фаза се однесува исклучиво на граѓаните кои веќе аплицирале во 2025 година и претставува финализација на постапката, во рамки на која се доделуваат вкупно 4.070 ваучери.