Група оштетени граѓани поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство против Зоран Витанов и засега непознати лица поврзани со „Мајворлд“, под сомнение за продолжено кривично дело измама. Според првичните наводи, преку организиран систем на прибирање средства од граѓани наводно се одлеале најмалку 120 милиони евра, а бројот на оштетени се проценува на илјадници.
Група граѓани кои тврдат дека се оштетени поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство против Зоран Витанов и повеќе засега непознати лица, поврзани со мрежата „Мајворлд“, поради сомнение за сторено продолжено кривично дело – измама.
Во пријавата се наведува дека во подолг временски период постоел организиран систем преку кој од граѓани се прибирале финансиски средства, на начин за кој подносителите тврдат дека бил спротивен на законските прописи, како и на официјалните насоки и етичките правила на самата компанија.
Подносителите на пријавата доставиле низа материјали за кои тврдат дека ги поткрепуваат нивните сомнежи: банкарски трансакции, аудио и видеозаписи, како и финансиски траги кои, според нив, укажуваат на систематско и координирано дејствување на повеќе лица.

Според првичните анализи направени од иницијаторите на пријавата, постои сомнение дека од земјава се излеале девизни средства во износ од најмалку 120 милиони евра. Тие наведуваат дека значителен дел од парите наводно бил исплаќан како провизии кон поединци и мрежа на маркетери.
Во документите доставени до обвинителството се наведува дека бројот на потенцијално оштетени граѓани се мери во илјадници, а дел од нив се подготвени да сведочат во евентуална истражна постапка.
Со оглед на сериозноста на наводите, подносителите бараат институциите да ја разгледаат можноста за воведување привремени мерки, меѓу кои и обезбедување или замрзнување на имот на лица кои би можеле да бидат опфатени со истрагата. Целта, како што посочуваат, е да се обезбеди евентуална компензација за оштетените.

Во иницијативата е отворен и повик до сите лица кои сметаат дека се оштетени или располагаат со релевантни информации да се приклучат и да достават докази, со ветување дека нивната анонимност и заштита на личните податоци ќе бидат гарантирани.
Од Јавното обвинителство засега нема официјална реакција во врска со пријавата. Очекувањата се институциите да ги разгледаат доставените материјали и да утврдат дали постојат основи за отворање истрага.
Иницијаторите најавуваат дека ќе продолжат да ја информираат јавноста за понатамошниот тек на случајот.












