Инфлуенсерите од Дубаи одеднаш почнаа да споделуваат исто видео: Која е причината и што се крие зад тоа?

Точка

12/03/2026

20:00

847

Големина на фонт

а а а

Инфлуенсерите чии објави за конфликтот во Иран ја нарушуваат внимателно изградената слика на Дубаи како безбедно засолниште ги чека судбина „пострашна од сè што можат да замислат“, предупреди британски адвокат кој и самиот бил притворен во тој град.

Внимателно уредените снимки од сончеви плажи, луксузни хотели и раскошни забави ги заменија треперливи, рачно снимени сцени од чад што се издига од облакодери по избувнувањето на конфликтот.

Корисниците на социјалните мрежи брзо забележаа дека таквите објави нагло исчезнале и дека се појавил нов тренд. Бројни инфлуенсери почнале да објавуваат содржина во која ја пофалуваат владата, користејќи при тоа сомнително слични изрази.

Објавите често почнуваат со прашање во стилот: „Живееш во Дубаи, зар не се плашиш?“, по што следува забавена снимка од лидерот на земјата, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, со натпис: „Не, затоа што знам кој нè штити.“


Таквите објави поттикнаа обвинувања дека инфлуенсерите се платени за ширење пропаганда како дел од координирана ПР-кампања.

Предупредување од поранешен притвореник

Сепак, Дејвид Хејг, британски адвокат кој своевремено бил притворен во Дубаи, стравува дека зад сето тоа се крие нешто уште позлокобно. Хејг, кој тврди дека пред десет години за време на притворот бил сексуално и физички злоставуван, изјави дека „апсолутно никаков содржински материјал што би можел да му наштети на угледот на Дубаи не смее да се објавува“.

Во текст за „Daily Mail“ тој појаснил: „Тоа значи без фотографии од штети од проектили, без снимки од пресретнувачки ракети што соборуваат дронови, без звук од експлозии, без панични селфи-видеа снимени во подруми, бункери или безбедни соби.“ Додал и дека дури и спасувачи биле притворани поради објавување фотографии од итни интервенции и дека „никој не е изземен“ од тие ограничувања.


„Тие кои не се придржуваат до оваа одредба ќе дознаат што значи да се замериш со Емиратите. Најмалку една личност беше уапсена поради снимање ракетен напад. Сега ги чека судбина која ќе биде ужасна преку секоја мера“, предупредил тој.

Строги закони и закана со затвор

Овој викенд 60-годишен Британец бил уапсен откако наводно снимал ирански проектили за време на одмор во Заливот. Не е познато дали снимката е објавена на социјалните мрежи, па е можно тој да биде пуштен без обвинение. Сепак, ако обвинителите решат да поведат постапка според строгите закони на Обединетите Арапски Емирати за кибер-криминал, тој би можел да се соочи со казна затвор до две години и висока парична казна.


Властите наводно ја предупредиле заедницата на интернет креатори во ОАЕ дека објави што се сметаат за штетни за „јавниот ред“ или „националното единство“ можат да резултираат со казни поголеми од околу 58.000 евра, па дури и со затвор.

Страв меѓу инфлуенсерите

Една инфлуенсерка открила дека го отстранила видеото кое прикажувало горечки остатоци пред нејзината зграда, бидејќи, како што вели, „мора многу внимателно да се внимава што зборуваат“, пишува „Metro“.

Британскиот креатор на содржини Бен Мос изјавил за „Daily Mail“: „Овде се чувствувам целосно безбедно благодарение на противвоздушната одбрана на ОАЕ, но законите понекогаш ме загрижуваат, па секогаш се обидувам сè да прикажам позитивно. Многу повеќе се плашам дека ќе бидам казнет или затворен поради објавување на погрешна содржина отколку од ирански проектили и дронови.“

Ограничувања и во други земји од регионот

Слични мерки не се ограничени само на ОАЕ. Во соседниот Катар, кој исто така беше цел на ирански напади, повеќе од 300 лица беа притворени поради „снимање и ширење видеоснимки, ширење гласини и објавување заблудувачки информации“ поврзани со војната.

Владата на Кувајт, според извештаите на „ABC News“, забрани објавување на каква било содржина поврзана со конфликтите.