[ВИДЕО] Бој Џорџ откри дека со помош на вештачка интелигенција напишал пет албуми: „Таа е брилијантна и нема од што да се плашиме“

Точка

10/03/2026

21:20

262

Големина на фонт

а а а

Британскиот кантавтор и фронтмен на култната група „Culture Club“, Бој Џорџ (64), откри дека во својот креативен процес често користи вештачка интелигенција, која, како што вели, му помага да стане подобар текстописец.

Со помош на оваа технологија, истакнува, веќе работел на неколку албуми.

„Веќе напишав пет албуми со помош на вештачка интелигенција. Таа е брилијантна и нема од што да се плашиме. Секогаш велам – ако робот може да ве замени, значи дека не сте се потрудиле доволно. Секако дека ми е жал за луѓето кои ги губат работните места, но AI носи и многу позитивни работи“, изјави Бој Џорџ во поткастот „Happy Place“ на водителката Ферн Котон.

За време на турнејата со „Culture Club“ од февруари, Бој Џорџ истакна дека вештачката интелигенција му овозможува посамостојна работа.

„Водам фантастични разговори со ChatGPT. Му велам: ‘Овој стих не е добар, ова не е нешто што јас би го кажал’. Можете да го насочувате и контролирате“, објасни тој.

Додаде и дека критиките не го допираат: „Мојот менаџер ми рече синоќа: ‘Знаеш дека разговараш со некој во Кина’, а јас му одговорив дека тоа не ме интересира. Важно е уметници како мене да не бидат ограничени да работат на стар начин. Јас сум пред времето“.

Сличен став има и Лајза Минели, која неодамна го бранеше користењето на вештачка интелигенција при изработката на EDM песната „Kids Wait Till You Hear This“.


„Користевме вештачка интелигенција само за аранжманите, не за вокалите. Неколку тролови дури не ни ги проверија фактите со мене или со моите партнери“, напиша таа на Фејсбук, додавајќи: „Сите вокали се мои!“.

Сепак, постојат и уметници кои предупредуваат на проблематичните страни на AI технологијата. Пејачката СЗА изјави за „i-D Magazine“ дека се чувствува како да е „во војна со вештачката интелигенција“.

„Вештачката интелигенција несразмерно ги погодува црните музичари. Зошто слушам AI верзии од песни на Оливија Дин, додека таа штотуку се појави? Таа не стигнува ни да собере доволен број стримови. Исто така, начинот на кој AI ја имитира музиката на црните изведувачи звучи чудно и стереотипно, што е навредливо“, рече таа.