Поврзаноста ги изненадила научниците: Расипаните заби во детството поврзани со срцеви заболувања подоцна во животот

Точка

03/03/2026

20:29

340

Големина на фонт

а а а

Расипаните заби и крвавите непца се чести кај децата во Данска, а едно истражување ги поврза овие проблеми со срцеви заболувања долго откако ќе отпадне и последниот млечен заб.

Децата кои имаат повеќе кариес или страдаат од тежок гингивитис покажуваат значително поголема зачестеност на мозочен удар, срцев удар и болести на коронарните артерии на повозрасни години. Тоа е заклучокот на новата студија објавена во „International Journal of Cardiology“, соопшти Универзитетот во Копенхаген.

Истражувачите анализирале податоци за 568.000 деца родени во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век од Националниот регистар за детска стоматологија на Данската здравствена управа и ги споредиле со податоците за кардиоваскуларни заболувања во Националниот регистар на пациенти до 2018 година, кога тие деца веќе биле возрасни.


Испитувајќи ги овие обемни збирки на податоци, истражувачите идентификувале неколку впечатливи обрасци. Децата со бројни кариеси имале до 45% поголема зачестеност на кардиоваскуларни заболувања во возрасната доба во споредба со децата со малку кариеси. Кај децата со тежок гингивитис, зачестеноста била до 41% поголема. Бројките варираат во зависност од полот, но трендот е јасен за двете групи. Истовремно, се чини дека зачестеноста се зголемува како што стоматолошките проблеми се влошуваат во текот на детството.

Што ја објаснува врската меѓу заболувањата на забите и кардиоваскуларните болести? Истражувачите не можат со сигурност да кажат врз основа на оваа студија, бидејќи не ги испитувале причините, туку само идентификувале статистички корелации. Сепак, една теорија укажува на воспаление.


„Се сомневаме дека изложеноста на високи нивоа на воспаление во форма на заболувања на непцата и кариеси уште во детството може да влијае на тоа како телото подоцна реагира на воспаление“ изјавила Николна Нигард, постдокторантка на Одделот за стоматологија при Универзитетот во Копенхаген и една од авторките на студијата.

Оваа теорија ја поддржуваат неколку други студии кои пронашле поврзаност меѓу пародонтитисот и кардиоваскуларните заболувања. Светската федерација за срце издаде консензусен извештај во кој се наведува дека постојат цврсти докази дека пародонтитисот го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести. Во извештајот се сугерира дека бактериите од заболувањата на непцата можат да предизвикаат системско воспаление на други места во телото, забрзувајќи ја атеросклеротската кардиоваскуларна болест.

Во друга студија, објавена во „Acta Diabetologica“, Нигард и нејзините колеги исто така ја испитале врската меѓу оралното здравје и дијабетес тип 2 и пронашле сличен образец. Децата со тешка болест на непцата имале до 87% поголема зачестеност на дијабетес тип 2, додека оние со бројни кариеси имале 19% поголема зачестеност.


Начинот на живот веројатно има значително влијание врз зголемената зачестеност на кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2, па затоа истражувачите ги приспособиле своите податоци според нивото на образование. Општо земено, повисокото ниво на образование е поврзано со поздрав и подолг живот.

„Не можеме да исклучиме дека начинот на живот игра важна улога. Но дури и по приспособувањето според нивото на образование, зачестеноста на кардиоваскуларните заболувања сè уште е прилично изразена“ изјавила Нигард.

Иако студијата не може да утврди причинско-последична врска, таа сепак може да укаже на значаен потенцијал за превенција. Ова е особено релевантно ако се има предвид дека детскиот кариес е една од најраспространетите болести во светот – а и кариесот и заболувањата на непцата можат релативно лесно да се спречат со темелно миење на забите.