Туристичката такса во Барселона ќе биде меѓу најскапите во Европа – колку изнесува во другите градови?

Точка

03/03/2026

19:48

358

Големина на фонт

а а а

Одлуката е дел од пошироката стратегија на градот за контрола на туристичкиот притисок врз инфраструктурата и пазарот на недвижности, но и за финансирање проекти од јавен интерес.

Од април 2026 година, Барселона воведува нова, значително зголемена туристичка такса која може да достигне 15 евра по ноќевање, по лице, со што станува една од највисоките во Европа.

Досегашните такси се движеа меѓу 5 и 7,50 евра по ноќевање, додека новата ќе зависи од категоријата на хотелот и типот на сместување.


На пример, хотелите со четири ѕвезди ќе наплаќаат до 11,40 евра по лице и ноќевање, додека хотелите со пет ѕвезди можат да наплатат и цели 15 евра. За гостите во приватно сместување или апартмани, таксата ќе изнесува максимум 12,50 евра по ноќевање.

Приходите од таксата ќе бидат насочени кон финансирање проекти за достапно домување. Тоа стана горливо прашање поради порастот на краткорочниот наем и неговото влијание врз локалниот пазар на недвижности.


Регионалниот парламент на Каталонија планира до 2028 година целосно да го укине краткорочниот наем, со што дополнително ќе го регулира пазарот и ќе ги намали негативните ефекти од масовниот туризам, пишува ТУ Магазин.

Барселона, како и многу европски градови, се соочува со предизвиците од брзиот раст на бројот на туристи.

Италијанските градови како Рим, Венеција и Фиренца наплатуваат туристичка такса меѓу 3 и 7 евра по ноќевање.


Венеција дополнително ги оданочува и дневните посетители со цел заштита на културното наследство.

Во Франција, вклучително и Париз, таксата изнесува до 4 евра, додека Берлин применува данок од 7,5 отсто на цената на сместувањето.

Амстердам воведува такса од 12,5 отсто на хотелските резервации за да го намали прекумерниот туризам, а швајцарските градови како Цирих и Женева наплатуваат од 2 до 4 швајцарски франци по ноќевање.

Одлуката на Барселона покажува дека високата туристичка такса може да служи како алатка за балансирање меѓу масовниот туризам и квалитетот на живот на локалното население.

Додека туристите можеби го гледаат ова како дополнителен трошок, во суштина станува збор за обид туризмот да стане одржлив, одговорен и долгорочно корисен за заедницата.