Вечерва, на 3 март, на небото ќе се случи целосно помрачување на Месечината, познато и како „крвава Месечина“.
За време на оваа појава, Месечината добива темноцрвена или портокалова нијанса, бидејќи Земјата привремено го блокира дел од сончевата светлина што Месечината вообичаено ја рефлектира. Ова воедно е и последното целосно помрачување сè до 2028 година, пишува „N1 Sarajevo“.

Зошто Месечината добива црвена боја?
Целосно помрачување на Месечината може да се случи исклучиво за време на полна Месечина, кога Земјата се порамнува точно помеѓу Сонцето и Месечината. Ефектот на „крвавата Месечина“ настанува кога целосната сенка на Земјата, односно умбрата, во целост ќе ја покрие Месечината.
Сепак, дел од сончевата светлина минува низ атмосферата на Земјата. Притоа, пократките бранови должини, како сината светлина, се расфрлаат, додека подолгите – црвената и портокаловата – стигнуваат до Месечината и ја осветлуваат нејзината површина. Колку повеќе прашина и честички има во атмосферата, толку поинтензивна е црвената нијанса.

Каде ќе биде видливо?
Овој астрономски настан нема да биде видлив од Европа и Африка. Најдобри услови за набљудување ќе имаат жителите на Северна и Јужна Америка, делови од источна Азија, пацифичкиот регион и Австралија. Фазата на целосното помрачување ќе трае нешто помалку од еден час, додека црвенкастиот сјај ќе потрае и подолго.

Кога е следната можност?
Иако за ново целосно помрачување ќе треба да се почека, делумните помрачувања на Месечината се случуваат почесто. Тие настануваат кога Месечината е полна, но Земјата не е целосно порамнета меѓу неа и Сонцето. Следното делумно помрачување се очекува кон крајот на август оваа година и, за разлика од вечерашното, ќе биде видливо и од Европа. За набљудување не се потребни посебни инструменти – доволно е да излезете надвор и да погледнете кон ноќното небо.







