Светска премиера на најновиот игран филм „17“ вечерва во Берлин

Точка

18/02/2026

13:49

132

Големина на фонт

а а а

Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, ќе ја доживее својата Светска премиера во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот - Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин. Проекцијата ќе се одржи вечерва, 18.02.2026 година во Берлин, во Киното “Блумакс“ (Bluemax Theater) со почеток во 19:00 часот.

Успехот со учеството во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, е надополнет со фактот дека „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција.

Филмот „17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFF Best First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори.


Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) - сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек (Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“. Тие, со нивното искуство и досегашен придонес во светската кинематографија треба да го стават на пиедестал најдобриот талент од конкуренцијата.

Во Берлин, пред големото платно на вечерашната премиера, филмот ќе го претстават: режисерката Косара Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска и продуцентот Томи Салковски, а ќе присуствуваат и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.

Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на Директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.

Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е

„Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.

Комерцијален текст