Како и изминатите години, така и оваа, се изведе дополнување на дендропаркот во Скопје со нови видови дрвја и грмушки од северната Земјина полутопка.
На традиционалниот настан присуствуваа наставниот и соработничкиот кадар на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и засадија дваесетина садници од седум различни видови дрвја и грмушки кои досега не беа застапени во оваа единствена жива збирка на дрвенести растенија во нашата држава.

„Секоја година, преку оваа манифестација и повеќе од симболично го зголемуваме бројот на видови на ова професионално богатство. Дендропаркот, според многумина, претставува вистинска научна ризница достапна за сите заинтересирани граѓани“, нагласи деканот на Факултетот на денешната акција и ја истакна благодарноста кон градинарскиот и оперативен центар „Фоја КО“ за постојаната поддршка и стручна соработка.

„Со нескриено задоволство ја изразуваме можноста да помогнеме во наставниот и научниот процес во високото образование. Дендропаркот претставува извонредна училница на отворено и практично помагало на студентите за време на професионалното оформување, но и потоа“, посочи сопственикот на „Фоја КО“ за време на четвртиот по ред настан „Професорите садат“.














