Празни штали и полни маркети со увозна храна

Денар

17/02/2026

10:45

964

Големина на фонт

а а а

Наместо јасна стратегија за поттикнување на домашното производство, последните измени на критериумите за субвенционирање во земјоделството отворија нова линија на незадоволство меѓу производителите.

На терен, бројките се читаат поинаку од оптимистичките извештаи: сè помалку активни фарми, сè повеќе заклучени штали и ниви што остануваат необработени.

Особено кај помладите земјоделци, кои пред неколку години влегоа во агробизнисот со ентузијазам и кредити на грб, денес преовладува едно чувство на замор. И разочараност, ако сакаме да бидеме прецизни.

Производителите велат дека новите критериуми не ја адресираат суштината на проблемот.

Трошоците за сточна храна, ѓубрива, гориво и електрична енергија растат, а откупните цени кај дел од производите стагнираат или паѓаат. Тоа е математика што не трпи многу објаснувања.


Кога расходите од месец во месец ја надминуваат заработката, фармата не е бизнис, туку товар.

Еден познавач на аграрните политики вели дека во вакви услови „субвенцијата станува само привремена инфузија, а не вистинска поддршка“.

Според него, ако не се стимулира продуктивноста и пласманот, парите од буџетот се трошат без долгорочен ефект.

Паралелно со намалувањето на домашното производство, расте увозот на прехранбени производи.

На полиците во маркетите се појавуваат сè повеќе странски производи, често по пониски цени од домашните.

Економските аналитичари предупредуваат дека оваа појава не е случајна. Кога домашниот производител е притиснат од високи влезни трошоци и несигурен откуп, просторот го пополнува увозната стока.

Таа доаѓа од пазари со поголема поддршка, со пониски производствени трошоци или со поагресивни извозни политики. И потрошувачот, со својот низок стандард, логично посегнува по поевтината опција.

Но тука се отвора поширокото прашање. Колку државата може да си дозволи зависност од увоз на основни прехранбени производи?

Експерти за агроекономија укажуваат дека храната не е само пазарна категорија, туку и прашање на безбедност.

„Ако дозволиме домашното производство да се сведе на симболично ниво, тогаш во кризни времиња ќе плаќаме многу поскапо“, предупредува еден од нив.


Според анализите, континуираното намалување на бројот на активни фарми може да има долгорочни последици врз руралната економија, вработеноста и демографската слика.

Во меѓувреме, дел од младите земјоделци веќе ги напуштија фармите. Некои заминаа во странство, други се пренасочија кон сосема различни професии.

„Не можеш да живееш од ентузијазам“, вели еден од нив, со горчлива насмевка.

Инвестирал во опрема, во модернизација, во нови сорти. Сметал дека ќе има сигурен пласман. Наместо тоа, се соочил со пад на цените и со административни процедури што, како што вели, „ти ја трошат и последната енергија“.

Целиот текст прочитајте го ОВДЕ.