Познатиот писател, мотивациски говорник и претприемач Коста Петров со години отворено зборува за својата тешка борба со паничните напади – состојба која и денес му носи немир и страв.
Иако поминал низ бројни лекарски прегледи и побарал помош од разни специјалисти, Петров признава дека нападите не успеал целосно да ги надмине. Тој често ја споделува својата приказна, со цел да ја подигне свеста за сериозноста на менталното здравје и да им помогне на оние што минуваат низ слични искуства.
За еден од најтрауматичните моменти во својот живот, Коста зборуваше и во „Урок“, поткастот на Сергеј Варошлија и Стефан Лазаров. Тој се присети на ситуација кога бил убеден дека доживува инфаркт – искуство што му се случило додека живеел и работел во Дубаи.
Зборувајќи за паничните напади, Петров раскажа:
„Отидов на работа, се напив од кафето, отидов надвор да запалам цигара со кафето, еден дим земав и следно се разбудив во болница во Дубаи.
Во болница се будам, ама како што ми трепери срцево, така ми вибрира и телово. Значи, толку јако биење на срцето, и само слушам докторот ми вика ‘Сега ќе ти дадеме два валиума, зашто не можеме да те смириме’.
И сега си викам, чекај, дали имам инфаркт? Немам поим што е. Се смирив и докторот ме тргна на страна. И јас му викам: ‘Докторе, што е, стент ли ми ставивте, што се случува? Дали бев пред умирање?’. Вика, не, меѓутоа имаше многу, многу јак паничен напад.
И ден денес многу лекари викаат ‘Ништо бе, не се умира од тоа’. Со тоа што, разликата е што јас кога имав панични напади, умирав по неколкупати на ден. Затоа што ти кога имаш паничен напад, ти ја имаш сензацијата на смрт. Дека е готово.
Никој не може тебе да ти каже дека ова не е реално. Ти умираш. Ти се збогуваш. Готово. Чао, пријатно“, вели Коста.

Сергеј го праша дали сето тоа се одвива во неговата глава, со оглед на тоа што е свесен дека станува збор за паничен напад и дека реалноста е поинаква.
„Ти свесен си. Ама сензацијата е толку силна, што навистина мислиш дека умираш. Јас не можав да заспијам навечер. Јас не можав да заспијам навечер, што мислев дека ако ги затворам очите, јас утре нема да се разбудам.
И вака ќе земев слика од моите, од сите што ги сакам, и ќе ја ставев до мене, некако да се смирам, зашто викам ‘Леле сега ако умрам бе јас, како ќе ми го носат мене телото од Дубаи во Македонија? Како ќе ми се јават дома да им кажат ‘Син ви умре во Дубаи’?
Сега можеме ние да се смееме и може да ми кажеш тоа не е реално, ама во тој момент јас навистина мислев дека умирам“, вели Петров.
Во продолжение, погледнете го целиот разговор:










