[ВИДЕО] Нуклеарен бункер од Студената војна се урна во морето! Со месеци висеше над карпа, издадено итно предупредување до граѓаните

Точка

26/01/2026

19:27

888

Големина на фонт

а а а

Нуклеарен бункер од периодот на Студената војна, изграден на самиот раб на карпа, се урна во морето на една од најбрзо еродирачките крајбрежни линии во Велика Британија, во близина на местото Танстал, во Источен Јоркшир.

Брановите речиси 70 години ја удирале зградата од црвена тула, која, според историската истражувачка група „Subteranea Britanika“, била еден од повеќето нуклеарни надзорни пунктови распоредени низ земјата, пренесува британскиот „Telegraph“.

Овие објекти биле наменети за откривање, мерење и пријавување на нуклеарни детонации и нивоа на радиоактивен талог, како и за обезбедување клучни податоци за зрачењето, со цел да се обликуваат одговорите на владата и да се предупреди јавноста.

Пунктот на Кралскиот набљудувачки корпус во Танстал бил изграден во 1959 година, а одлуката за негово повлекување од употреба била донесена на почетокот на 1990-тите години од минатиот век.

Аматер-историчарот Дејви Робинсон и неговата партнерка Трејси Чарлтон го документирале уривањето на бункерот во серија видеа објавени на „YouTube“.

„Неговата приказна ги освои срцата на луѓето. Толку многу луѓе се врзаа за него, тоа не се само тули и малтер, туку нешто многу повеќе“, изјави тој.

Советот на Источен Рајдинг на Јоркшир издаде предупредување до граѓаните да не се приближуваат до тоа подрачје по уривањето и ги повика да држат безбедна оддалеченост од подножјето на карпите што се уриваат, поради ризик.

Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина, брегот на Холдернес еродира со просечна брзина од околу два метра годишно.