Реал Мадрид и Атлетико Мадрид ќе одиграат големо градско дерби во Џеда, сето тоа како дел од второто полуфинале во шпанскиот Суперкуп чија завршница е во Саудиска Арабија.
Двата мадридски ривали вчера дознаа дека победа им носи пресметка со Барселона во големото финале кое е закажано за недела, а во дадениот случај, „кралевите“ имаат и мотив за одмазда поради тешкиот пораз кој го претрпеа од „душекџиите“ на стартот на сезоната.
Атлетико му го нанесе првиот пораз на Реал со убедливи 5:2 на „Метрополитано“, па Чаби Алонсо бара од своите играчи да покажа реакција, односно да демонстрираат дека ја научиле лекцијата и дека нема да ги повторат истите грешки.
– Играме полуфинале против градскиот ривал и мора да бидеме добро подготвени за тоа што следи, да бидеме психолошки стабилни и да се натпреваруваме. Атлетико е ривал кој секогаш бара максимален фокус, но планот е да возвратиме со енергија и желба за надигрување. Играме за прв трофеј во сезоната и тоа е она што е најважно за нас.
– Сакаме да одиграме поинаку од мечот во Ла Лига, не треба да заборавиме кои работи ни недостасуваа тој ден и веќе го утврдивме тоа. Не сакаме да ги направиме истите грешки и сигурен сум дека ќе одиграме подобар натпревар. Сигурен сум дека ќе изгледаме поинаку и дека овој натпревар ќе биде друг. Од сите порази се извлекуваат лекции и има работи кои не смееме да ги потвориме од првиот натпревар, – изјави Чаби пред денешното полуфинале во Џеда.






