Мерц му порача на Зеленски: Младите Украинци да ѝ служат на својата земја, а не да бегаат во Европа

Макфакс

07/01/2026

13:01

1.876

Големина на фонт

а а а

Од Украина, меѓу другото, се очекува да создаде услови младите мажи да ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, наместо да заминуваат во европските земји, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Економскиот капацитет ќе биде неопходна гаранција дека Украина ќе може уверливо да ја одврати Русија во иднина. Драг Володимире, сакам ова отворено да го кажам: тоа подразбира и одредени очекувања за Украина. Тоа вклучува – и вие го знаете тоа, веќе разговаравме за ова во Брисел – дека Украина мора да биде организирана на таков начин што нејзините млади мажи ќе ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, а не да заминуваат во Германија, Полска или Франција, како што е случај сега“, нагласи Мерц во Париз по состанокот на Коалицијата на подготвените, пренесува „Укринформ“.

Според неговите зборови, тоа е очекување кое Украина „може и мора да го исполни“.

Украинската влада на седница одржана на 26 август ја ажурираше процедурата за преминување на државната граница. Мажите на возраст од 18 до 22 години сега можат непречено да ја преминуваат границата за време на воената состојба. Соодветните измени стапија на сила на 28 август, еден ден по официјалното објавување на резолуцијата.

Во Германија живеат околу 1,2 милиони Украинци. Нивниот број во последните години се зголемува, главно поради младите мажи помлади од 22 години, наведува украинската агенција.