Жители од Даљан бараат Општина Охрид итно да го отстрани паднатото дрво што смачкало автомобил

Макфакс

27/11/2025

13:09

237

Големина на фонт

а а а

Жителите на охридската населба Даљан упатија апел до медиумите и до Општина Охрид, барајќи итно да се отстрани масивен бор кој паднал врз паркирано возило на улицата Сатеска бр. 40 на 22 ноември 2025 година.

Според нивното известување, дрвото – високо околу десет метри – се откорнало од невремето и паднало во пешачката зона пред зградата со три влеза. Жителите посочуваат дека немало пешаци во моментот на падот, поради што е избегната евентуална трагедија.

Укажуваат дека веднаш била повикана противпожарната служба, но дека службата се прогласила за ненадлежна и ја напуштила локацијата. Подоцна дошле претставници од Општина Охрид и од ЈП „Комуналец“, но, според жителите, заминале без да преземат мерки и без да најават кога ќе го отстранат дрвото.

Жителите потсетуваат дека на истата локација пред неколку години паднало друго дрво, по што општинските служби ги обележале и останатите борови како опасни и за отстранување, но тоа не било реализирано.

Тие нагласуваат дека паднатиот бор се наоѓа на земјиште во сопственост на Република Македонија и дека Општина Охрид има обврска да постапи. Жителите реагираат дека, иако при сличен случај во центарот на Охрид биле брзо мобилизирани екипи, во Даљан немало интервенција.

„Не сме граѓани од втор ред. И ние плаќаме данок и очекуваме Општината да постапи исто како во сите населби“, наведуваат жителите во апелот.